| четврток, 6 декември 2018 |

Градско дерби во финалето на ЛШ во Милано, Реал подобар од Сити (видео)

Реал Мадрид е вториот финалист во Лигата на шампионите и во реприза на дуелот од пред две сезони, ќе ги одмери силите против градскиот ривал Атлетико Мадрид, овојпат на „Сан Сиро“ во Милано. „Кралевите“ со 1-0 го совладаа Манчестер сити на „Сантијаго Бернабеу“, со автоголот на Фернандо во 20.минута од средбата. Герет Бејл стори речиси се по десната страна, неговиот шут го блокираше Фернандо, а топката заврши зад грбот на Џо Харт.

Доминацијата на Реал Мадрид иако поседот на топката беше речиси израмнет, е во статистиката во упатените удари кон голот на противникот. „Кралевите“ успешно стрелаа дури седум пати, додека Манчестер Сити не успеа ниту еднаш да шутне во рамките од голот на Кејлор Навас.

Триумфот на „кралскиот гигант“ кој важеше за апсолутен фаворит можеше да биде поголем, но во вториот дел шанси не успеаја да реализираат Лука Модриќ и Герет Бејл. Хрватскиот фудбалер од средниот ред во 55 минута имаше одлична шанса, но во намерата да погоди го спречи Џо Харт, додека Бејл се закани во 66 минута, но пречката беше сојузник на гостинот.

Најубавата и единствена шанса за Манчестер сити на мечот ја имаше Фернандињо во 44 минута, но неговиот удар од далечина заврши во надворешната страна од стативата на голот на Реал Мадрид. Поради елиминацијата на Сити, продолжи постот на екипите од Англија во финалињата на ЛШ. Една од најфудбалските земји во Европа нема претставник во битката за трофеј од сезоната 2011/12 кога шампион стана Челси. За Реал Мадрид, ова е 14 финале во историјата, а веќе има освоено 10 титули и е неприкосновен на врвот во Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top