| четврток, 6 декември 2018 |

Успехот е неверојатен, честитки и од големите фудбалски ѕвезди за титулата на Лестер

Освојувањето на шампионската титула на Лестер во Премиер-лигата одекна низ цела фудбалска Европа, а еден од оние кои им го честиташе трофејот на „лисиците“ е и најдобриот фудбалер на денешницата, Лионел Меси.

– Поради успеси како овој на Лестер сите ние го сакаме фудбалот. Честитки – порача суперѕвездата на Барселона.

На честитките се надоврза и новиот претседател на ФИФА, Џани Инфантино, кој ја опиша оваа титула како – бајка и прекрасна приказна за убавината на фудбалот.

Герет Бејл, кој дојде во Реал Мадрид од редовите на Тотенхем, не остана рамнодушен на огромниот успех на избраниците на Клаудио Раниери.

– Жал ми е за Тотенхем, но големи честитки за Лестер, фантастична сезона. Затоа го сакам фудбалот – порача Бејл преку својот твитер-профил.

Џон Тери беше еден од оние кои уште пред два месеци јавно изјави дека би сакал Лестер да стане првак, а искусниот дефанзивец синоќа со Челси им помогна на „лисиците“ да си го остварат големиот сон.

– Цела сезона ги слушав луѓето како велат дека немаат шанси, дека ќе го загубат следниот натпревар, па следниот натпревар… а тие никогаш не паднаа. Да го направиш овој успех е нешто неверојатно, нешто што ќе им даде надеж на помалите тимови во годините што следат – порача Тери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top