| четврток, 6 декември 2018 |

Честитка од претседателот Иванов по повод Велигден

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до сите православни христијани, како и до сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија.

– На овој голем христијански празник кога ја славиме победата на животот над смртта се присетуваме дека токму почитувањето на христијанските вредности и верата го зачувуваа народното битие и македонското духовно наследство. Соживотот и религиското почитување придонесоа за зацврстувањето на меѓуверскиот дијалог во земјава. Наша должност и во иднина е да ја пренесеме пораката за вистината за верата која ја живееме, да ги чуваме и да ги почитуваме традиционалните вредности, да бидеме поцврсти и поединствени, јакнејќи ја солидарноста, праведноста и добрите меѓучовечки односи.

Честитајќи Ви го овој голем христијански празник, Ви посакувам добро здравје, благосостојба и духовен мир. Велигден го празнува животот од кој се раѓаат љубовта и надежта како симболи на победата над смртта. На верниците од православна вероисповед и на верниците на Евангелско-методистичката црква им посакувам верба во срцата, меѓусебно почитување, разбирање и заемно помагање – вредности кои мора да бидат секојдневно присутни во живеењето на сите граѓани. Христос воскресна! Навистина воскресна!, стои во честитката од претседателот Иванов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top