Во воздушен напад на сириските владини сили врз болница и станбен блок во сирискиот град Алепо синоќа загинаа најмалку 20 цивили, информира сириската цивилна одбрана, цитирана од француските медиуми.
Најмалку 20 цивили беа убиени вечерва во воздушните напади врз болницата „Кудс“ и соседниот станбен блок во квартот Сукари, во источниот дел на Алепо, за француските медиуми изјавија од цивилната одбрана.
Сирискиот центар за мониторинг на човековите права потврди дека нападите се извршени од авиони на режимот во Дамаск. Првично беше соопштено за 14 загинати. Подоцна од под урнатините беа извадени уште шест трупа на петмина членови на едно семејство, меѓу кои две деца, и на стоматолог од болницата. Меѓу убиените е и единствениот педијатар во источните квартови на Алепо, контролирани од бунтовниците, посочуваат француските медиуми.
Повеќето пациенти во болницата биле возрасни луѓе, со хронични заболувања. Болницата е многу оштетена од бомбардирањата. САД го осудија воздушниот напад од понеделникот, извршен веројатно од силите на режимот, врз екипа спасувачи во Алепо. Портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер, изјави дека е ужаснат од мноштвото воздушни напад врз спасувачите од цивилната одбрана на Алепо. Најмалку петмина претставници на цивилната одбрана загинаа, а ранети се и други невини жртви, изјави Тонер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.