| четврток, 6 декември 2018 |

Кинотека одбележа јубилеј – 40 години од основањето, наградата „Златен објектив“ за Дар-Мар

Кинотеката во своите депоа успеала да прибере и сочува преку 15.000 филмски копии од домашни и странски продукции, повеќе од 75.000 парчиња пропаганден материјал, фотографии и плакати, повеќе од 100.000 пишани документи, книги на снимања, сценарија...

Кинотеката на Македонија денеска одбележа 40 години од основањето, а популарниот Дар-Мар односно Даркоо Марковиќ ја доби наградата „Златен објектив“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија за 2016 година. Во негово име наградата ја подгина синот Филип.

-Голема благодарност за Кинотека од мое име и од името на татко ми. Денеска овде сретнав соработници на татко ми и оваа награда е и нивни успех – рече Филип Марковиќ.

Бошко Грујоски, директорот на Кинотека на Македонија потсети на животот и делото на Дарко Марковиќ кој, како што рече, е дипломиран архитект, кој во текот на студиите длабоко ја засака и и се посвети на карикатурата. Марковиќ е добитник и на многу награди.

– Оваа година славиме јубилеј, 40 години од постоењето на оваа институција, чија задача била, е и ќе биде прибирање, обработка, чување, заштита и презентација на филмовите и филмските материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење, создавање фонд на филмови и филмски материјали од домашно филмско творештво и филмско производство, како и создавање фонд на значајни филмски остварувања од други национални кинематографии – рече Грујоски.

Кинотеката во своите депоа успеала да прибере и сочува преку 15.000 филмски копии од домашни и странски продукции, повеќе од 75.000 парчиња пропаганден материјал, фотографии и плакати, повеќе од 100.000 пишани документи, книги на снимања, сценарија…

– Во единствената филмолошка библиотека која е составен дел од Кинотеката, има над 4.500 книги за историјата и теоријата на филмот, над 8.000 броеви на списанија поврзани со филмската уметност, над 30.000 прес-клипинзи за македонските филмови и воопшто за македонската кинематографија, рече Грујоски.

Тој за годинава најави  дека е планирана дигитализација на филмовите на режисерот Бранко Гапо. Се работи за шест играни филма, кои треба во текот на оваа година да се реставрираат.

Од вчера до 28 април во кинотечното кино ќе бидат прикажани филмовите, кои се дигитално реставрирани од минатата година. Вчера беше прикажан филмот „Хај-фај“ на Владимир Блажевски, денеска е „Жед“ на Димитрие Османли,  а утре ќе биде прикажан „Татко (Колнати сме, Ирина)“ на Коле Ангеловски. Сите се со почеток од 20 часот.

За историјата, значењето и дејноста на Кинотеката зборуваше филмологот Илинденка Петрушевска, која истакна дека посебно се значајни депоата во оваа зграда, кино-салата и Хавзи-пашините конаци во скопското село Бардовци.

– Кинотеката на Македонија е на врвот, најпрофесионална институција од областа на културата во нашата држава. Била, е и ќе биде тоа, истакна Петрушевска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top