Отпуштените кичевски пожарникари и административци со договор на дело во Општината протестираа пред општинската зграда. Бараа средба со градоначалникот Фатмир Дехари и враќање на работните места. Отпуштените бараат образложение од општинските власти за кои велат дека отпуштаат по етничка основа, исклучително Македонци. Тие сметаат дека законите за новата локална власт не важат еднакво за сите бидејќи албанските работници со договори на дело не се избркани. На 11 јануари оваа година во кичевската противпожарна бригада биле примени петмина, од кои четири Македонци и еден Албанец. Од нив, отпуштени се Македонците, додека Албанецот е задржан и му е доделено решение за работа.
– Бевме вработени во Општината во јануари по договор на дело за извршување итни и неодложни работи. Но, кога дојде новата власт, ни поделија откази на четворица пожарникари, а другите отпуштени се од администрацијата. Вкупно беа отпуштени 12 Македонци. Меѓу пожарникарите има и еден Албанец што беше вработен според истите услови како што бевме и ние, ама тој не беше избркан. Кога го прашавме градоначалникот дали ова е етничко чистење, тој негираше и образложи дека Албанецот бил задржан на работа затоа што имал потреба да работи – вели еден од истераните пожарникари.
Kабинетот на Дехари соопштува дека Општината е отворена за сите граѓани, но градоначалникот бил зафатен. Доколку не бил во можност лично да ги прими денеска, со отпуштените ќе разговараат други одговорни лица.
Според пожарникарите, ако се почитуваат законите, тогаш треба веднаш да бидат вратени на работа. Законски е недозволиво пожарните служби да функционираат со помалку од 34 вработени. Во кичевската противпожарна служба, тврдат избрканите, сега има 15 заедно со командирот. Исто така, нејасно им е зошто се избркани од работа кога платите не се на товар на општината, туку, како што велат, платите ги зеле од МВР.
Минатата недела, Дехари го образложи отпуштањето со финансиска немоќ на Општината која била во долгови.
Покрај отпуштените од општина Кичево, детската градинка „Олга Мицеска“, Центарот за култура „Кочо Рацин“, договорот и е прекинат и на една девојка која беше преземена од општина Вранештица иако истиот траел до 1 јули.
Протестот пред општината во Кичево го подржаа и другите сограѓани. Според „Кичево“, досега сите отпуштени се Македонци, а се стравува дека се очекуваат и нови отпуштања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


