| четврток, 6 декември 2018 |

Милчо Манчевски во Њујорк го снима петтиот филм – „Бикини“

Како и моите досегашни филмови, „Бикини“ зборува за природата на вистината, лагата и илузијата. Филмот ќе го има мирисот на Њујорк, се снима на повеќе локации во градот кој ми е втор дом и многу го сакам. Имаме извонредно талентирана екипа - и актерска и филмска. На овој филм се изборив за апсолутна креативна слобода, без мешање од финансиери, продуценти или политичари, со целосна доверба и хармонична соработка. Ова е еден од ретките американски филмови каде што авторот има право на фајнал кат (право на финална верзија) - изјави Манчевски

Милчо Манчевски на њујоршки Менхетен и во Бруклин го режира својот петти игран филм „Бикини“. Деновиве проектот „Бикини“, по сценарио и во режија на Манчевски, влезе во последните фази на претпродукција и се снимени почетните материјали, а првата клапа ќе падне на 9 мај.

– Новиот филм е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена-маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка. Станува збор за прв долгометражен филм на Манчевски во САД по епизодата на серијата „Прислушувачи“ (The Wire), која тој ја режираше за „Ејч-Би-О“ во 2002 година, соопшти „С-прес“.

133146449

Насловната улога ќе ја игра Кондола Рашад, позната од новата ТВ-серија во САД „Милијарди“ и од бродвејската верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Рашад е, инаку, ќерка на позната актерка – Фелиша Рашад која се прослави со серијата „Козби шоу“.

Другите главни улоги Манчевски им ги додели на актерите во подем Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.

– Како и моите досегашни филмови, „Бикини“ зборува за природата на вистината, лагата и илузијата. Филмот ќе го има мирисот на Њујорк, се снима на повеќе локации во градот, кој ми е втор дом и многу го сакам. Имаме извонредно талентирана екипа – и актерска и филмска. На овој филм се изборив за апсолутна креативна слобода, без мешање од финансиери, продуценти или политичари, со целосна доверба и хармонична соработка. Ова е еден од ретките американски филмови каде што авторот има право на финална верзија – изјави Манчевски.

„Бикини“ е копродукција меѓу САД, Канада и Германија и е прв филм на Манчевски во кој не учествува Македонија. Се снима на повеќе локации низ Њујорк, како и во едно бруклинско студио. Директор на фотографија е младиот Џошуа Вајнстин од Њујорк, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон,  кој соработува со Манчевски на сите негови филмови.

Манчевски претходно ги сними „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“, кои се прикажани на сите шест континенти, со комерцијална дистрибуција во над 50 земји, проекции на над 200 фестивали и над 40 меѓународни награди, меѓу кои и Златниот лав во Венеција и номинација за „Оскар“.

По студиите во САД, Манчевски од 1985 година живее во Њујорк  каде предава филмска режија на постдипломски студии.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top