Македонскиот театарски режисер Иван Поповски, кој повеќе од 20 години живее и работи во Русија, наградата „Златна маска“ ја доби за претставата „Сонот на летната ноќ“, на театарот „Работилницата П.Н. Фоменко“, која е прогласена за најдобра претстава на годината во Русија, пишува „МКД“
Руската национална театарска награда „Златна маска“ е основана во 1993 година од страна на Унијата на театарските работници (дејци) на Руската Федерација и се доделува за најдобрите остварувања на сезоната во сите жанрови на театарската уметност: драма, опера, балет, модерен танц, куклен театар, оперета и мјузикл.
Номинираните за наградата „Златна маска“ – 2016 беа избрани од страна на Стручен совет, составен од 22 члена, театролози и критичари. Формирајќи ја листата на кандидати, експертите за музички театар гледаа 230 претстави во театрите и на видео, експертите за драмски театар и театар на кукли – 544 претстави во Москва, во Санкт Петерсбург и во уште сто руски градови. Стручниот совет формираше поширока листа на претстави номинирани за наградата „Златна маска“. Листата на најзначајните остварувања за сезоната 2014/2015 беше објавена на веб-страницата на „Златна Маска“. Во 212 номинации беа претставени 54 театри.
Тука заврши работата на стручните совети, а започна работата на жиријата. Жирито за драма и куклен театар беше составено од 15 члена, а за музички театар и балет од 18 члена. Членовите на жиријата се режисери, актери, театролози, критичари, сценографи, диригенти, композитори.
Сите номинирани претстави се играат на Фестивалот „Златна маска“ во Москва, а кулминација на целиот процес е Свечената церемонија на прогласување на победниците и доделување на наградите која е, воедно, главниот театарски настан на годината. Церемонијата се пренесува во живо на телевизискиот канал „Москва 24“, а следниот ден на телевизијата „Култура“.
Главната награда на фестивалот – Наградата за најдобра претстава на годината од голем формат, годинава беше врачена од страна на режисерот Лев Додин, уметнички директор на „Мал Драмски театар – Театарот на Европа“ од Санкт Петерсбург, кој минатата година беше добитник на истата награда.
Лев Додин, излегувајќи на сцената да ја додели Наградата за најдобра претстава од голем формат, шегувајќи се, рече:
„Јас би сакал да нагласам дека ова е најризичната номинација. Утре во медиумите ќе се дискутира дека ова можеби и не е најдобрата претстава, дека имало и други подобри. Затоа, јас ја врачувам наградата, но истовремено и моето сочувство“.
Главната награда на фестивалот – „Златна маска“ за најдобра претстава на годината од голем формат е претставата „Сонот на летната ноќ“ на театарот „Работилницата на Пјотр Фоменко“, во режија на Иван Поповски.
„Многу ви благодарам, Пјотр Наумович “, му оддаде почит на големиот мајстор, режисерот на претставата и добитник на „Златна маска“, Иван Поповски.
Главната награда во оваа година не предизвика никакви дилеми и дискусии, беше премногу очигледна. „Сонот на летната ноќ“ од Иван Поповски е најдобра претстава на годината.
„Денес недостасува радост, нешто што ги прави луѓето среќни, што им овозможува да лебдат, нешто кое ќе ги ’одлепи‘ од тлото актерите и заедно со нив и публиката и ќе ги пренесе во некои други светови“, вели режисерот Иван Поповски.
претставата учествуваше во проектите „Russian case“ (специјална програма за странските гости на фестивалот) и „Златна Маска во кино“ – како единствена претстава од драмската селекција на Фестивалот „Златна маска“, која беше прикажувана во 62 кина во 48 градови низ Русија и тоа во 26 градови во живо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Никој не погледна во својот мобилен телефон додека траеше „Сон на летната ноќ“ на Иван Поповски во МНТ
-
Најдобрата претстава во Русија „Сон на летната ноќ“ вечерва во МНТ на Фестивалот „Иван се враќа дома“
-
„Иван се враќа дома“ од утре во МНТ: Македонија може да се гордее со Иван Поповски кој ја прославува низ светот
-
На 16 септември почнува фестивалот „Иван се враќа дома“ во МНТ: За прв пат во Македонија три спектакли од режисерот Иван Поповски