Фестивалот на претстави од режисерот Иван Поповски – „Иван се враќа дома”, што на сцената на МНТ од 16 до 23 септември ќе го прикаже „Мастерскаја П. Фоменко”, еден од најреномираните московски театри, продолжува денеска со прикажување на претставата „Сон на летната ноќ“(20 часот). Втората изведба на претставата е закажана за в сабота, на 23 септември, исто така со почеток во 20 часот.
Претставите на фестивалот се прва можност и македонската публика да ги види театарските спектакли во режија на Поповски, кои ја одушевија критиката, освоија многу значајни театарски признанија и имаа исклучителен прием кај публиката. Освен „Сон на летната ноќ“ публиката имаше можност да ги види и „Алиса зад огледалото” од Луис Керол (2010) и „Отровната туника” од Николај Гумиљов (2002).
Иван Поповски е македонски театарски режисер кој повеќе од 25 години живее и работи во руската престолнина Москва.
Во претставите учествува еден од најсилните актерски ансамбли во Русија, кој зад себе има многубројни престижни театарски поединечни и групни награди, признанија за заслужни артисти на Руската Федерација, како и учество во големи филмски продукции.
Станува збор за гостувања на високобуџетни претстави, од кои две од голем формат и една од мал, кои освоија бројни и многу значајни номинации, признанија и награди, претстави што предизвикуваат несмален интерес кај публиката и за кои билетите се распродаваат со месеци однапред, и покрај тоа што некои од нив на репертоарот се и по многу години. „Сон на летната ноќ“ за само 2 години е одиграна 89 пати и продадени се околу 35.000 влезници, а цените на билетите за оваа претстава достигнаа и 15.000 рубљи (над 13.300 денари).
Во претставата „Сон на летната ноќ”, работена според истoименото дело на Шекспир, сè е игра – театарска, љубовна, понекогаш по малку и наивна, понекогаш таква што наликува на најсложена шаховска партија. Понекогаш е лута, дури и опасна – таква што е подобро да се набљудува оддалеку. Понекогаш, пак, на детски начин едноставна – таква во која се вклучуваш сакајќи или не сакајќи. Но, секогаш е жива и неверојатно занесна. Во хаосот на играта, во ноќната опиеност, се отвораат границите на светот – огромен, необјаснив. Каде што дворецот на херцогот, па дури и самата Атина, е само малечка точка, не поголема од светулка во тревата. Каде што „постелата од мов“ мами со својата свежина, како ладникави чаршафи. Каде што возрасни мажи се губат во привлечноста на самовилите, а вљубените се губат едни со други, се вплеткуваат во живо клопче, дишејќи со љубомора, младост, страв и – љубов. Со неа, како со музика, како со волшебен сок, овде е проткаен и самиот воздух… „Сон на летната ноќ” е добитник на повеќе награди меѓу кои и престижната „Златна маска“ за најдобра претстава минатата година во Русија, која критиката едногласно ја прогласи за извонреден театарски настан. Оваа претстава е добитник на наградата „Ѕвезда на театарот“ (2016) во номинациите за најдобра претстава од голем формат, најдобра споредна женска улога (Ирина Горбачова) и е прогласена за најдобра претстава според порталот „Куда-го“.
Претставата трае 3 часа и 10 минути со една пауза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Никој не погледна во својот мобилен телефон додека траеше „Сон на летната ноќ“ на Иван Поповски во МНТ
-
„Иван се враќа дома“ од утре во МНТ: Македонија може да се гордее со Иван Поповски кој ја прославува низ светот
-
На 16 септември почнува фестивалот „Иван се враќа дома“ во МНТ: За прв пат во Македонија три спектакли од режисерот Иван Поповски
-
Фестивалот „Иван се враќа дома“ во МНТ: За прв пат во Македонија три спектакли од режисерот Иван Поповски