| четврток, 6 декември 2018 |

Саем за туризам во „Јавна соба“

Органска храна и зачини, врвни деликатеси, рачно изработен накит, нови туристички капацитети по најповолни цени, ексклузивна облека се дел од вториот саем за туризам кој овој пат ја претставува Пелагонија како нов економски мотор во Македонија.

Со почеток од 12 часот во вторник, се до среда 18 часот во „Јавна соба“ ќе се одржи вториот регионален саем за туризам и експанзија на мали бизниси. Целта на овој саем е да се доближи локалниот потенцијал од Пелагонија пред пошироката публика.

Она што особено ќе ја освои урбаната публика во Скопје се: свежо приготвена преспанска белвица и крап, крушевски локум, пелистерски мед, слатка и мармалади од нови локални производители, пикантни макала и сосеви, дивеч приготвен на преспански начин, накит и ракотворби. Целата оваа смотра со други зборови може да се нарече саем на македонски хедонизам.

Посетителите ќе можат да учествуваат во дегустации на храна како и на работилници за изработка на вез, накит и вапцање на јајца. Дополнително, на саемот ќе се претстави и “Мариово off road” понуда за авантуристи како дел од спортскорекреативната понуда во Пелагонија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top