Нови верзии за соборувањето на летот MH-17 ќе бидат претставени во филм на британскиот медиум на 3 мај 2016 година.
Украински борбен авион, а не ракета земја-воздух можеби го соборил Малезискиот авион „Boeing777“, кој се урна во источна Украина во јули 2014 година.
Новата верзија и докази ќе бидат претставени во документарец на БиБиСи, кој ќе биде емитуван на 3 мај, објави Дејли Мејл.
Во официјалниот извештај за летот MH-17 на авиокомпанијата „Malaysian Airlines“ стои дека бил погоден од ракета „Бук“ руско производство, истрелана од регион во Украина, контролиран од бунтовници кои ја поддржуваат Русија.
Во филмот на БиБиСи сепак се цитираат сведочења на луѓе кои виделе дека авионот бил соборен од борбен авион.
– Беше лето, време на жетва. Слушнавме експлозија. Видовме црн чад и два авиони, мали како сребрени играчки. Едниот леташе директно, а другиот се врати назад кога се слушна експлозијата и полета, од каде што беше дојден, раскажува Наташа Беронина во филмот.
Друг очевидец тврди дека видел борбен авион дека испукал ракета, по што слушнал силна експлозија.
Британскиот „Daily Express“ пишува дека германскиот истражувачки новинар Били Сикс за филмот интервјуирал 100 сведоци, од кои седум рекле дека виделе борбен авион. Според нив имало два ловци и едниот истрелал ракета воздух-воздух, а другиот пукал кон пилотската кабина на Малезискиот авион.
Украинскиот воен пилот Владислав Волошин, обвинет во врска со уривањето на авионот, негираше такво нешто. Според него на денот на несреќата немало летови и немало ракети воздух-воздух, а тој и неговите колеги на авионите имале ракети воздух-земја за копнени цели, наведува Дејли Мејл.
Друга теорија која ќе биде претставена во филмот, тврди дека патничкиот авион бил урнат со поддршка од ЦИА „терористичка операција“, при што во авионот биле поставени две бомби. Верзијата се лансира од приватниот детектив Сергеј Соколов, кој тврди дека украинските и холандските безбедносни служби и помогнале на ЦИА да ги постави бомбите во авионот во Холандија.
Според него овој терористички чин бил изговор прво да се зајакнат санкциите против Русија, второ да се покаже на светот дека Русија е варварска земја и трето, да се зголеми присуството на НАТО во Европа, особено во Украина.
Малезискиот „Boeing777“, кој патувал од Амстердам за Куала Лумпур, се урна на 17 јули 2014 година во источна Украина. Загинаа сите 298 лица во авионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.