| четврток, 6 декември 2018 |

По 19 апсења, нови кривични во акцијата „Геодет“

Управата за финансиската полиција до Основното јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против три лица од Скопје заради постоење на основано осомневање за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Помагање“.

Се работи за кривична пријава која е продолжение на големата акција насловена со кодно име „ГЕОДЕТ“ во која заради катастарски малверзации тешки повеќе од 5 милиони евра беа уапсени вкупно 19 лица.

Во новиот случај како првоосомничено е повторно лицето Т.Б кое беше и првоосомничено за „Примање поткуп“ и „Злоупотреба на службената положба и овластување“ во акцијата „Геодет“. Според податоците до кои дојде Финансиската полиција, лицето Т.Б во својство на катастарски службеник-Соработник за правно-катастарски работи, во текот на месец Јули 2015 година спротивно на Законот за катастар на недвижности ја злоупотребила службената положба и овластување на начин што, без правен основ, потпомогната од второпријавениот Н.К од Скопје и третопријавената В.Ј, во катастарската евиденција незаконски направила промена, односно стан на ул.Симеон Кавракиров бр.22 кој е сопственост на Република Македонија го запишала во сопственост на второпријавениот Н.К.

Второпријавениот Н.К иако знаел и бил свесен дека нема право на сопственост на предметниот стан, бидејќи сеуште немал склучено договор за купопродажба со Република Македонија која е правен следбеник на поранешното градежно претпријатие од Белград и помогнал на првопријавената да ја злоупотреби службената положба на начин што и доставил Договор за користење на спорниот стан кој го имал склучено со поранешната градежна фирма Ратко Митровиќ од Белград кој договор не е основ за запишување во катастарската евиденција.

Третопријавениот шалтерски работник спротивно на Законот за катастар на недвижности, за да и помогне на првопријавената да го изврши запишувањето во катастарската евиденција на спорниот стан, на шалтерот во Центарот за катастар на недвижности оформил предмет по наводно поднесена пријава од лице Д.С од Чаир, а за наводна исправка на техничка грешка во имотен лист кој се однесува на недвижност во КО Чаир. Откако отвориле предмет, истиот со помош на непосредниот раководител бил префрлен за работа кај првоосомничената Т.Б која веднаш откако го примила го искористила истиот и наместо да постапува за КО Чаир, постапила за КО Кисела Вода 2 при што станот на ул.Симеон Каврикиров бр.22 кој дотогаш бил во сопственост на Република Македонија го запишала на лицето Н.К од Скопје без никаков правен основ за тоа.
Второпријавениот Н.К веднаш откако бил известен од првопријавената Т.Б дека имотниот лист е изработен, на шалтер во Центарот за катастар на недвижности во Скопје извадил имотен лист за спорниот стан и веќе наредниот ден го продал станот на лице од Скоје за сума од околу 16.000 евра кои веднаш му биле исплатени во кеш.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top