Младиот поет Филип Димкоски, настапи на деветтото издание на Меѓународниот поетски фестивал „Белоцветните вишни“ во градот Казанлак во Бугарија…
Од вкупно 230 автори од Бугарија, Македонија, Романија, Србија, Холандија, Украина и други земји кои испратиле песни на фестивалот, избрани се педесет најдобри песни, дел од нив се наградени, а сите педесет меѓу кои и песната „Душа розова“ од Димкоски, препеани на бугарски јазик се застапени во меѓународниот поетски зборник.
Жири комисијата ја сочинуваа Палмира Никленова и Атанас Јанев под претседателство на Димитар Христов од Сојузот на писатели на Бугарија. Уметничката интерпретација на Димкоски не ја остави рамнодушна многубројната публика сочинета од поетеси и поети од повеќе места, љубители на поезијата, како и градоначалничката на градот Казанлак. Беше награден со силен аплауз, а потоа следеа честитања со ракувања од многу присутни во салата.
„Покрај што е престижен и е вистински мегдан за докажување во мајсторството на стихот, ритамот и римата, ме привлече и целта-преку поезија да се слави природата, а тоа всушност е мојата определба во она што го пишувам“-рече Филип Димкоски кој изрази посебна благодарност до организаторот, писателот Димитар Никленов.
Од Македонија, добитник на диплома за учество е и младата поетеса Рената Пенчова од Штип. Инаку ова, е петто меѓународно признание за Филип Димкоски, по наградата Млада струга на Струшките вечери на поезијата, наградите од меѓународните фестивали „Јанош Сивери“ и „Станислав Препрек“ од Нови Сад, Србија и наградата за најталентиран млад учесник на Мелничките вечери на поезијата во Мелник, Бугарија.
Од меѓународнот претставување ќе го спомнеме и учеството на престижната манифестација „Сараевска зима“ во БиХ, каде Димкоски имаше едночасовен поетско-музички перформанс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.