| четврток, 6 декември 2018 |

Остра реакција од Кабинетот на Иванов: Шилегов ќе мора да ги докаже тврдењата на суд

gjorge-ivanov-1-44265Остра реакција и демант пристигна од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов откако портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов денеска излезе со тешки обвинувања дека потесното семејство на претседателот е вклучено во бизниси со фирма која има сметка на Панама. Од Кабинетот на Иванов нагласуваат дека Шилегов своите тврдења ќе мора да ги докаже на суд.

„Сметаме дека обидот преку лаги и манипулации да се претстави семејството на претседателот Иванов како дел од криминална банда е крајно недолично и неодговорно однесување на една политичка партија. Ја повикуваме политичката партија СДСМ веднаш да го објави секој трансфер на пари преку таа фирма и да ги соопшти сите кои биле вклучени во било што на таа фирма, која патем е основана во Скопје и никогаш не проработела“, стои во дел од соопштението од Кабинетот.

Од таму нагласуваат дека портпаролот на СДСМ, во спротивно, ќе се соочи со судска постапка.

„Во спротивно, Шилегов ќе мора своите тврдења да ги докаже на суд. Фирмата „Делфино травел Балканс“ е основана во 2009 година во Скопје со сметка во ТТК Банка во Скопје и е избришана од Централен регистар во 2015 година, согласно Законот за трговски друштва чл.552­б“, се наведува во реакцијата од Кабинетот на претседателот Иванов.

Шилегов денеска на прес­конференција обвини дека братот на сопругата на претседателот бил поврзан со бизниси и фирми на Панама. ­ Братот на Маја Иванова, Сашо Тоневски има бизнис релации со фирмата ЛИП „Корп Панама Сити“ од Панама ­ рече Шилегов, додавајќи дека оваа фирма е основач и сопственик на фирмата „Делфино травел балканс“. Според Шилегов, пред неколку дена, кога почна да се шири скандалот со перењето пари во панамски фирми, фирмата „Делфино травел балканс“ била згасната и избришана од Централен регистар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top