Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски за време на состанокот во Солун одговори на неколку прашања на бугарски новинари кои се интересираа за различни работи.
Некои од бугарските колеги покажаа елементарно непознавање за позицијата на Македонија во евроатлантските структури, или уште еднаш се обидоа непотребно да испровоцираат одговор кој е општо познат факт.
Иако министерот Попоски на прашањето дали очекува на самитот во Варшава, Македонија да добие покана за членство во НАТО, одговори дека мисли оти е нереално во овој момент да зборува за покана во Варшава, бугарскиот новинар праша од кого доаѓаат пречките за членство на нашата земја во Алијансата.
– Не би можел да кажам за тоа дали очекуваме или не очекуваме (покана за членство во НАТО) бидејќи сепак тоа е одлука на земјите членки на НАТО, а не на Македонија. Во однос на НАТО, има одлука од 2008 година со која е јасно констатирано дека единствена пречка за нечленување на Македонија во НАТО е спротивставувањето врз основа на наметнатиот спор со името од грчка страна, а потоа имаме во 2011 година одлука на Меѓународниот суд на правдата кој кажува дека таа одлука не е легална. Се што се случува во меѓувреме се сведува на волја на земјите членки на НАТО и тоа се однесува и на Варшава самитот, но и на било кој друг самит кој би можел да се случи, изјави Попоски и додаде дека во овој момент нема впечаток дека постои подготвеност од грчка страна да се случи влез на Македонија во НАТО на Варшавскиот самит.
Во врска со средбата со бугарскиот министер за надворешни работи Даниел Митов, Попоски рече дека разговарале, пред се, околу сегашната ситуација и ризиците од мигрантските коридори кои сега постојат да бидат поместени.
– Еден од ризиците е и дел од мигрантите кои сега се обидуваат насилно да поминат од грчка на македонска територија, да ја заобиколат, влегувајќи најпрвин во Бугарија, па враќајќи се од Бугарија, во Македонија. Тоа се ризици за кои ќе треба да соработуваме. Во делот на контрола и менаџирање на границите, нашата соработка со Бугарија и со Албанија е прилично добра, но факт е дека не може да се спореди со ситуацијата во Грција бидејќи немаме таков тип на притисок со десетици илјади мигранти во шатори на самата гранична линија, истакна шефот на македонската дипломатија.
Тој информира дека разговарале за она што би можело превентивно да се направи. Попоски повтори дека сите министри се согласиле дека најдобриот план во моментот е оној на ЕУ и оти затворањето на балканската рута треба да оди паралелно со реадмисија на мигрантите од Грција кои не се основани азилобаратели и реалокација, односно дистрибуција во други земји членки на ЕУ на мигрантите кои се легитимни азилобаратели, а се наоѓаат во Грција.
На новинарско прашање какви превентивни мерки можат да се преземат во случај договорот меѓу ЕУ и Турција да не функционира, Попоски истакна дека „е многу храбра и многу ризична претпоставка во овој момент да кажеме дека нема да функционира договорот помеѓу ЕУ и Турција“.
– Мислам дека треба да се посветиме најмногу на спроведување на тоа што е договорено, а помалку да размислуваме што би било доколку не успее. Впрочем тоа е и бугарски интерес, бидејќи еден од ризиците за нереализирање на договорот меѓу ЕУ и Турција е да има поголем притисок на мигранти од Турција кон Бугарија, нешто што никој не би сакал да го види да се случи, изјави министерот Попоски за бугаските медиуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Метју Палмер во Сараево: Македонија може да стане членка на НАТО до средината на 2020 година
-
Пендаровски: Од јануари очекувам да бидеме на иста маса со НАТО
-
Не се очекува земјите од Алијансата да распоредат ново нуклеарно оружје во Европа
-
Захарова: НАТО му ветил на Горбачов дека нема да се шири кон исток