| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија и во иднина ќе биде во европскиот ракометен крем

Најбитно е, пред сѐ, раководството на федерацијата да направи долгорочна стратегија. Така функционираат квалитетните репрезентации. Оваа генерација играчи до 20 години треба да помине еден четиригодишен олимписки циклус во кој однапред ќе се знаат целите и кон тоа треба да се стремиме сите. И тие што работат во клубовите и, секако, селекторите на репрезентациите и тренерите. И да нема големи турбуленции во стручниот штаб, секако, вели Јовиќ во интервју за „Република“

Поранешниот ракометен репрезентативец на Македонија, Александар Јовиќ, продолжува професионално да се занимава со ракометот и по неговото активно завршување на кариерата во 2009 година. Во моментов работи со младинските категории во „Металург“ и е селектор на младинската репрезентацијата на Македонија за играчи до 20 години. Со оваа младинска репрезентација тој на неодамна завршените квалификации за Европското првенство во Швајцарија направи огромен успех обезбедувајќи го второто место во групата што значи и директен пласман на Европското првенство во јули и во август оваа година што ќе се одржи во Данска.

 

Како селектор на младинската репрезентација на Македонија за играчи до 20 години успеавте да се пласирате на Младинското европско првенство во Данска, кое ќе се одржи од 28 јули до 7 август. Го сметате ли тоа за огромен успех или овие резултати се очекувани?

Јовиќ: Успехот што го направија младинските репрезентативци на квалификациите во Швајцарија пред една недела не е огромен успех. Секако, резултатите се позитивни, но знаејќи го квалитетот на репрезентативците би можело да се каже дека тој резултат е очекуван. Да бидам искрен, јас и дел од стручниот штаб имавме поставено високи цели за овој млад и надежен состав, но стравувавме поради тоа што двајцата млади репрезентативци Филип Кузмановски и Филип Талевски не ги одработија десетдневните подоготвки со своите врсници бидејќи ракометната федерација во консултација со селекторот на А-селекцијата, Ивица Обрван, ги приклучи во сениорскиот состав за квалификациите за Олимписките игри во Рио. Клучниот натпревар беше тој против Црна Гора во последното коло, кое се одигра во неделата рано утрината, и повторно со помош и со договор со федерацијата, двајцата ракометари се приклучија кон младинската репрезентација на два часа пред почетокот на мечот. Сакам да упатам голема благодарност до сопственикот на Металург, Минчо Јорданов, кој не штедеше ни средства ни ресурси за патот од 1.350 километри од Полска до Швајцарија за да пристигнат Талевски и Кузмановски навреме.

 

Се чини дека токму на мечот против Црна Гора најзаслужен за клучната победа е Филип Кузмановски. По цела вечер помината во автомобил и по повеќе од десет часа пат, тој постигна десет гола од 12 обиди. Каква беше атмосферата во тимот пред почетокот на мечот?

Јовиќ: Оваа генерација ракометери доаѓа од три македонски клуба. Повеќето од репрезентативците или точно 11 на број се од Металург, останатите пет се од Вардар и од Пелистер. Тие се знаат повеќе години и функционираат заедно. Кога во осум часот наутро Кузмановски и Талевски пристигнаа во хотелот каде што бевме сместени, на само неколку минути пред тргнувањето накај салата, се почувствува сосема друг пристап од останатите репрезентативци. Добија огромна самодоверба и не би можел да кажам дека само Кузмановски одигра на врвно ниво. Сите поеднакво се заслужни за победата и за успехот во квалификациите. По 50. минута од мечот решив да го извадам од првиот состав бидејќи се почувствува замор кај него. Дотогаш веќе имавме солидна разлика и само чудо можеше да се случи за да ја прокоцкаме шансата.

 

Aleksandar-Jocik-4

 

Каква е иднината на оваа селекција на играчи до 20 години? Колку Македонија како ракометна држава може да се надева на продолжување на традицијата и на учество на големите натпреварувања, како Светско првенство и Европско првенство, по најавите за повлекување на дел од сениорските репрезентативци по фијаското што го доживеаја во Гдањск?

Јовиќ: Веднаш ќе одговорам. Македонија не треба да се грижи дека репрезентацијата ќе стагнира и дека ќе биде далеку од европскиот ракометен крем. Да појаснам, овие млади ракометари, пред сѐ, се вистински професионалци, без разлика на нивните години. Од тие што ги поведов во Швајцарија сите до еден сериозно ја сфаќаат работата и знаат дека само со труд и со многу посветеност можат да се изградат во европски ракометари. Имаат талент и потенцијал, само треба да се работи. Сите во нашата држава посакуваме да учествуваме на сите големи натпреварувања што следуваат. Се сложувам со тоа дека треба да се подмладува сениорскиот состав, но тоа не смее да биде преку ноќ. Добро е што Талевски и Кузмановски се приклучија кон сениорите, но, сепак, сметам дека тоа треба да оди постепено. На нив им се потребни натпревари со свои врсници од другите европски и светски репрезентации. Пласманот на Младинското европско првенство во Данска е шанса оваа генерација да види до каде е и да го покаже тоа што го знае бидејќи ќе има седум до девет натпревари против своите врсници од Европа. Немаат само Талевски и Кузмановски квалитет и потенцијал за директен скок во сениорскиот состав. Во репрезентацијата има ракометари кои можат поеднакво да се носат и со постарите и поискусни репрезентативци кои се и нивни идоли.

Најбитно е, пред сѐ, раководството на федерација да направи долгорочна стратегија. Така функционираат квалитетните репрезентации. Оваа генерација на играчи до 20 години треба да помине еден четиригодишен олимписки циклус во кој однапред ќе се знаат целите и кон тоа треба да се стремиме сите. И тие што работат во клубовите и, секако, селекторите на репрезентациите и тренерите. И да нема големи турбуленции во стручниот штаб, секако.

 

Иако ждрепката за групите за Европското првенство Македонија ја дочека од најслабиот по квалитет четврти барабан и противниците се веќе познати, а кои, според рејтингот, се поквалитетни од нас, можеме ли да се надеваме на некој позначаен успех во Данска?

Јовиќ: Јас не би бил селектор ако не верувам во овие момци кои се со мене веќе седма година. Секогаш ги почитувам противниците, но не до таа мера за да ја ставам репрезентацијата во подредена улога. Данска, Норвешка и Холандија се репрезентации кои негуваат различен ракомет од нашиот. Сакаат брзо да ја пренесуваат топката и ги завршуваат нападите со само неколку додавања. Ќе бидеме концентрирани на нивниот напад и со цврста одбрана ќе се обидеме да дојдеме до поволни резултати. Данска како домаќин е фаворит во групата, но не смее да се заборави и Норвешка, која знаеме дека има долга традиција, а во сениорската репрезентација настапуваат и неколку младинци кои очекувам да бидат и на ова европско првенство. Не се предаваме однапред и со добри подготовки и, пред сѐ, со комплетна репрезентација и здрави ракометари можеме да се обидеме да направиме голем успех.

 

Како ги гледаш случувањата што се актуелни околу сениорската репрезентација?

Јовиќ: Оваа машка ракометна репрезентација ги донела најголемите спортски успеси на нашата држава во изминатите десетина години. Од тоа нема бегање и со тоа мора да се радуваме и да се гордееме. Неколку учества на светски и на европски првенства, две квалификации за Олимпијада, многу радости донесени за најверните навивачи кои во ниту еден момент не ги оставија сами на терените ширум Европа. Од тоа што го видов на турнирот во Гдањск, можам со сигурност да кажам дека ние отидовме таму неподготвени за тоа што нѐ чека. Мислам дека не бевме свесни за тоа што може да направиме и каков историски успех би било тоа за македонскиот ракомет и воопшто, за Македонија. Воопшто не се сложувам со тоа дека дел од репрезентативците треба да се повлечат и да заминат во репрезентативна пензија. Не го заслужиле тоа и не заслужиле на таков начин да се простат од навивачите. Следен голем ракометен настан за нашата репрезентација е бараж дуелот со Чешка за Светското првенство во јуни. Покрај Наумче Мојсовски, кој доега е единствениот што веќе најави повлекување, во Скопје во „Борис Трајковски“ пред преполна сала од 7.000 навивачи повлекување од националниот тим треба да направат и Владимир Темелков, кој е вистински професионалец, Бранислав Ангеловски, без кој не можеше да се замисли сениорскиот состав во минатото, вистински борец и мотиватор и, секако, на крај, Петар Ангелов – Диви, кој веќе одржа прес-конференција дека и дефинитивно се повлекува од репрезентацијата.

Тие четворица ракометари повеќе до 15 години го носеа дресот на оваа држава. Сите заедно се подеднакво заслужни за сите успеси што ги направила репрезентацијата во последните години. Цврсто стојам зад ова и само со победа над Чешка во реваншот во Скопје се сложувам да им се дозволи достојно да си заминат во историјата и по добро да останат во сеќавањата кај сите граѓани во нашата држава.

 

Разговараше: Бо­јан Мо­ми­ров­ски
Фото: Александар Иванов­ски
(Интервјуто со Александар Јовиќ е објавено во 189. број на неделникот Република, 15.04.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top