| четврток, 6 декември 2018 |

Мукаетов ја доби поддршката од сите клубови, останува претседател на РФМ

zivko mukaetov

Живко Мукаетов ќе остане на чело на Ракометната Федерација на Македонија и по утрешното годишно собрание, откако досегашниот претседател доби максимална поддршка од сите клубови и здруженија кои се дел од собранието.

Како што е веќе познато, Мукаетов најави повлекување од функцијата по неуспехот на националниот тим на предолимпискиот турнир во Гдањск, откако претходно изјави дека е подготвен да го преземе својот дел од одговорноста доколку не се оствари националниот сон – Македонија да игра на ОИ во Рио де Жанеиро. Тој веднаш по поразот од Тунис уште во Гдањск потврди дека е подготвен да се повлече од функцијата, но ваквиот став предизвика бура од реакции.

Репрезентативците предводени од Кире Лазаров реагираа уште во Полска, давајќи му целосна поддршка на претседателот, а веднаш по враќањето со писмени соопштенија се огласија и клубовите, кои истакнаа дека се презадоволни од досегашната работа на Мукаетов и неговите најблиски соработници. Клубовите сепак отишле чекор понапред, па на неколку дена пред собранието со циркуларно писмо и потпис и печат од секој од нив, заедно со здруженијата со право на глас, јасно ставиле до знаење дека Мукаетов треба да остане на чело на Ракометната Федерација на Македонија.

Со ова, станува и повеќе јасно дека оставката нема да биде прифатена, па Живко Мукаетов по утрешното собрание ќе продолжи да ја води РФМ, најмалку до март следната година, кога истекува неговиот четиригодишен мандат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top