| четврток, 6 декември 2018 |

Јапонија успешно го тестираше првиот „невидлив“ авион

qponiq-izvyrshi-uspeshno-izpitanie-na-nevidim-samolet-371084

Во Јапонија, првиот „невидлив“ авион кој ја користи технологијата „стелт“, успешно го заврши својот прв пробен лет, соопшти новинската агенција „Кјодо“.

Авионот полетал од Ајчи и се приземјил во базата на јапонските сили за самоодбрана во Гифу. По серија од тест-летови, Министерството за одбрана ќе направи нарачка за испорака на такви авиони, кои ќе треба да ги заменат користените во моментов воено-воздушни борбени Ф2.

Невидливиот авион ја користи технологијата „стелт“, која исто така се нарекува „технологија со ниска радарска видливост“, која наоѓа примена во производството на авиони, бродови и ракети, со цел да бидат помалку забележливи од радари, инфрацрвени сензори и други локационни средства.

Се очекува во текот на пролетта 2019 година Министерството за одбрана на Јапонија да одлучи дали дополнителното усовршување на воздухопловите ќе биде извршено исклучиво од јапонски компании или ќе бидат привлечени и странски производители.

Развојот на првиот јапонски „невидлив“ авион почна во 2009 година и чини околу 39,4 милијарди јени (358 милиони долари). Во создавањето и дизајнот на авионот учествувале повеќе од 200 компании, предводени од „Мицубиши“.

Вкупната должина на авионот е 14,2 метри, висината е 4,5 метри, а широчината  9,1 метри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top