Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров од Атлетико Мадрид ќе премине во Барселона, вели информацијата објавена во идентична форма од веб-изданијата на два германски весника, пренесува порталот „Дерби“.
Во текстот за најновото засилување на Хамбург, данскиот голман Маркус Клеверли, кој доаѓа од шведскиот прволигаш Луги, а три сезони играше за Кјелце, „Ди Велт“ и „Хамбургер абендблат“ пишуваат: „Со оглед на тоа дека посакуваниот кандидат, Македонецот Кирил Лазаров (32), ќе си ја побара среќата од Атлетико Мадрид во Барселона, Хамбург и натаму е во потрага по партнер за Адријан Пфал (30), кој налето ќе дојде од Гумерзбах“.
Дека местото на Македонецот му е во Барселона, индиректно навести и коментаторот на ЕХФ ТВ, Том О’Бранаган, кој во својот блог со кој ја најави пресметката меѓу Атлетико и Барса напиша: „Ако ги споредите сите играчи, еден по еден, на нивните позиции, тогаш Барселона е врвна на сите, освен можеби на десен бек, каде што игра Лазаров“.
Најдобриот стрелец на „црвено-белите“ од Мадрид, кој поради повреда на задната ложа мораше да го напушти теренот осум минути пред крајот од саботниот дуел со Барселона, на кој со Хоан Кањелјас беа најефикасни во победничката екипа со по шест гола, ќе игра и во реваншот в сабота во „Палау Блауграна“. Ехографијата на левата нога не покажа нешто сериозно, па тренерот Талант Душебаев ќе може да смета на еден од своите најдобри играчи во мечот во кој неговата екипа ќе влезе со предност од 25:20 од првата средба во „Паласио Висталегре“, пишува „Дерби“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.