Комисијата како и работните тела при ФИА разгледуваат ново ограничување за тимовите кои дополнително би им ги намалило годишните трошоци. Првичниот договор е постигнат, а конечна одлука ќе има на следниот состанок на работните тела и претставници од тимовите за две недели.
Станува збор за огрничување на бројот на мотори кои ги користи еден тим за еден возач во текот на сезоната. Досега доколку сезоната има до 21 трка тимовите имаа право на четири мотори, а предлогот на ФИА гласи намалување на три што би значело и значително намалување на трошоците.
Досега ФИА имаше неколку обиди за намалување на трошоците на годишно ниво кои ги имаат тимовите, а тимскиот шеф на Ред Бул Кристијан Хорнер не верува дека и новиот обид на ФИА ќе има позитивен резултат.
– На последните неколку состаноци ФИА изнесе предлози кои би требало да ни ги намалат трошоците за 12 милиони евра. Но досега ниеден од тие предлози не доби зелено светло. Ќе биде интересно да се види резултатот од наредниот состанок на работните тела. Секако дека нас ни одговара, но мислам дека ова е деликатна тема која решението не може да го добие за една недела – вели Хорнер.
Состанокот на кој работните тела, стратегиските групи и Комисијата ќе одлучуваат на ова прашање е закажано за две недели, а решението (доколку се изгласа) ќе стапи на сила од 2018 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.