„Урбан протест кој носи живот; Урбани луѓе, енергија, желба за слобода, тежнеење за нормално општество, бунт и креативност на улиците на Скопје“. Вака медиумите платени од надвор пренесуваат за активностите на „Протестирам“ наводно граѓанско здружение кое никаде не е регистрирано. Според изјави од организаторите на насилните протести, не го регистрирале затоа што не сакале да се експонираат.
А има ли поголемо експонирање од водење на протести во кои се упаѓа по институции, се демолира, пали, краде, во кои се уништува народното добро, се сквернават споменици, се уништува градот, институциите, државата. Зошто не би се „експонирале“ со регистрација на организација, освен ако не би сакале да сносат одговорност за организација на обиди за отворен конфликт со полицијата, каде веќе десетици специјалци се повредени со камења, бекатон плочки, метални шипки, шишиња. Зошто би се легитимирале како граѓанска организација, оние веќе познатите „угледни“ граѓани кои секојдневно повикуваат на протести, а преку социјалните мрежи упатуваат на пораки и упатства за подготовки на „бомби“ со боја, за испишување пароли, за дејство и начин на провокација на полицијата, а да се мине со прекршочна а не со кривична пријава, дневни „активности“, како снабдување со прашак за перење за да се истура во фонтаната, па и до начин на подготовка и користење на молотови коктели?
И сето тоа, македонската редакција на „Радио Слободна Европа“, медиум финансиран од Вашингтон, го нарекува „протест на урбани луѓе со креативност кој носи живот“ како „тежнеење за нормално живеење“??
Но, кој стои зад овие медиуми? Република на 20 февруари 2015 година, значи некаде на почетокот на оваа криза со прислушувањето на општествено државниот врв, во анализата „Гласни ленти за тивок ‘ПУЧ’“, ги пренесе сознанијата и искуствата на Иван Бабаноски преточени во двотомно дело „Новинари и репортери како шпиони“.
Бабаноски, инаку и самиот припадник во шпионскиот свет, а сега често присутен на протестите на СДСМ, со факти и цитати ја покажува поврзаноста меѓу овие две професии- шпионажата и новинарството- како начин на работа и како можност за добра „маска“. Како најдобро распространета шпионска мрежа, а потврдено со изјави на поранешни челни луѓе во разузнавачките служби, тој ги посочува „Ројтерс“, „Радио Слободна Европа“, „Би-Би-Си“, „Си-Ен-Ен“.
Зад тоа како известуваат дел од домашните медиуми, пак, неретко се кријат имиња кои минале обуки кај дел од наведените светски медиумски сервиси, или пак биле дел од нивните тимови.
За домашните врбувани новинари, Бабановски вели дека се одлично третирани од амбасадите на земјите за чиишто служби работат, а и дека основната работа не е само да прибираат информации за нив, туку и да добиваат информации што во одреден момент треба да ги пласираат.
Како медиуми кои ги поддржуваат насилни активности низ улиците во Македонија, функционираат и таканаречени „невладини организации“ (начин за регистрација на современ медиум на интернет, меѓу другото за да се избегнат и давачките кон државата). Анализирајќи ги „невладините“, според Бабаноски таа бројка изнесува од шест илјади до 11.000 невладини организации и хуманитарни организации од кои некои исклучително се финансирани од странски извори, што, според него, е „солидна база за сигнализирање“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.