Во сите сегменти во Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) во 2015 година се бележи раст.ФЗОМ во 2015 година направи и дополнителни напори да им обезбеди дополнителни привилегии на осигурениците кои можеби претходно ги немале или ги имале во помал обем.
Ова денеска на прес конференција го истакна директорот на ФЗОМ, Сашо Стефаноски, кој го презентираше Извештајот за работата на ФЗОМ за 2015 година.
Посочи дека се работи за континуитет во работата на ФЗОМ години наназад кога се правени обиди да се даваат поголеми права на осигурениците, што се рефлектира и на буџетот на таа институција, кој од 2001/2002 година, досега, е зголемен за 100 проценти.
-Буџетот на ФЗОМ за 2015 година изнесуваше 24,2 милијарди денари. Анализирајќи го буџетот на ФЗОМ во последните 9 години, истиот се движи од 16,4 милијарди денари во 2007 година до 24,2 милијарди денари во 2015 година, што е значително зголемување. Годишно средствата за наведените години, бележат просечен пораст од 961,8 милиони денари секоја година. Трендот на зголемување продолжи и во 2016 година и порастот е околу 1,4 милијарди денари со вкупен буџет од 25,6 милијарди денари- истакна Стефаноски. Потенцира дека нагорен тренд исто така бележат и буџетите на 113те јавни здравствени установи за 2015 година и тој изнесува 12,8 милиони денари и додаде дека вкупната вредност на буџетите за ЈЗУ е зголемена за околу 5,4 отсто, а трендот на зголемување продолжува и годинава.
Фондот во 2015 година за 2.638 приватни здравствени установи, појасни Стефаноски, исплатил 7,3 милијарди денари, што е зголемување од околу 380 милиони денари или приближно 5 отсто споредено со претходната година.
Осврнувајќи се на сегментот аптеки и снабденост со лекови, тој рече дека на секои 10.000 осигуреници има по 4,35 аптеки, а за споредба просекот во Европа е 3,03 аптеки на 10.000 жители, што покажува дека во Македонија достапноста на лекови е на високо ниво.
-Буџетот на ФЗОМ за лекови во 2015 година изнесува 2,46 милијарди денари. Од вкупно предвидените средства за лекови на рецепт, во 2015 година се искористени околу 94 отсто, со што може да се констатира дека целосно се задоволуваат потребите на осигурениците за лекови на рецепт на товар на ФЗОМ. Потрошувачката по број на рецепти бележи раст и во однос на 2014 година, бројот на рецепти е зголемен за околу 9 отсто, што претставува најголем процент од 2010 година наваму. Во однос на вкупниот износ, тој во однос на 2014 година е зголемен за околу 7 отсто- истакна директорот на ФЗОМ.
Просечната потрошувачка на лекови, според бројот на реализирани рецепти по осигуреник за 2015 година, нагласи, е 11,7 рецепти, што претставува раст од околу 8,3 отсто во однос на 2014 година. Укажа дека бележат тренд и на зголемување на барањата за Ин витро (Биомедицинско потпомогнато оплодување) во 2015 година за 10 отсто споредено со 2014 година, а дополнително, тој процент е зголемен по законските промени кои резултирале со ослободување од плаќање на партиципација за Ин витро од 6.000 денари, која е сега на товар на Фондот.
Стефаноски рече дека очекуваат зголемениот интерес да продолжи да се рефлектира и годинава.
-Во периодот јануари декември 2015 година Комисијата за БПО има разгледано 165 барања за второ дете од кои само 148 се ново поднесени барања. Издадени се 146 позитивни барања, а останатите 19 барања се вратени за докомплетирање на потребните документи. Во 2015 година, реализирани се околу 85,6 милиони денари за БПО постапки за прво и второ дете за 1.261 случај во деветте здравствени установи со кои ФЗОМ има склучено договори за вршење на БПО услуги- истакна Стефаноски.
Упати апел до сите заинтересирани кои имаат потешкотии да добијат потомство, да се обратат до Фондот во порана возраст, бидејќи процентот на успешност е поголем.
Директорот на ФЗОМ, Орхан Рамадани рече дека во текот на 2015 година, финансиските средства во ортопедските куќи издвоени за ортопедските помагала се 512,7 милиони денари, што во однос на 2014 е пораст за 2 отсто. Во последниве три години, посочи, бележиме нагорен тренд во бројот на заверени барања за ортопедски помагала за нашите осигуреници. Нагласи дека ФЗОМ во текот на 2015 година воведе неколку новитети со цел да им се излезе пресрет на осигурените лица меѓу кои се: воведувањето електромоторната инвалидска количка – скутер за лица од 7 до 26 години и постари од 65 години со траен инвалидитет.
-Во 2015 година исплатата на надоместоците се врши тековно и без непотребни доцнења, како резултат на реформите кои Фондот ги направи, особено во делот на имплементација на софтвер за брза и навремена исплата на надоместоци. Во 2015 година одобрени се 16.456 боледувања. На ниво на држава, на секои 1.000 вработени осигуреници 28 осигуреници користеле право на боледување на товар на ФЗОМ, што во споредба со 2010 година кога коефициентот изнесувал 45 претставува намалување за скоро 17 процентни поени и се должи на намалениот број боледувања – рече Рамадани.
Бројот на породилни надоместоци, појасни, го запазува трендот на стабилен раст во последните години. Потенцира дека овој тренд на раст почна од почетокот на кампањата за зголемување на наталитетот во 2008 и 2009 година.
-Во 2013 година вкупниот број породилни отсуства е 7923, во 2014 година 9.149, додека во 2015 година тој број изнесува 9.180 породилни отсуства. Парите кои се исплатени во 2013 година изнесувале 1,7 милијарди денари, во 2014 година изнесувале над 1,7 милијарди денари, а минатата година исплатени се над две милијарди денари. Износот во 2015 година е повисок во однос на 2014 година за околу 20 отсто или 353 милиони денари Една од причините за овој пораст е и зголемувањето на платите- додаде Рамадани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.