Нов вирус на птичјиот грип, Х7Н9, значително полесно се пренесува од живината на човекот отколку што беше случајот со претходниот вирус од типот Х5Н1, кој почна да пустоши пред десетина години, соопштила Светската здравствена организација (СЗО).
Научниците и натаму го набљудуваат вирусот Х7Н9 за да утврдат дали тој може да предизвика глобална пандемија, но истакнуваат дека досегашните истражувања покажуваат мала можност овој вирус да почне да се шири од човек на човек.
Експертот на СЗО за грип д-р Кеиџи Фукуда на брифинг во Пекинг изјавил дека луѓето би можеле полесно да се заразуваат од птици со вирусот Х7Н9 отколку со Х5Н1, кој се појави во Азија во 2003 година. Вирусот Х5Н1 досега уби 360 луѓе низ целиот свет, главно оние што биле во директен контакт со заразена живина.
Медицинските експерти се загрижени за способноста на вирусот Х7Н9 да преоѓа на луѓето и околу фактот што со него може да биде инфицирана птица што притоа не покажува никакви знаци на инфекција, што значително го отежнува следењето на ширењето на овој вирус.
– Ова дефинитивно е еден од најсмртоносните вируси на грип што досега сме ги виделе – кажал Фукуда и додал дека експертите продолжуваат да се обидуваат да го разберат овој вирус и дека постои опасност од голем број полесни инфекции што ќе останат незабележани.
Бројот на заразените со птичји грип во Кина расте од ден на ден, а, според информациите на Светската здравствена организација, во неделата биле евидентирани 102 заразени лица. Досега од последици на заразата во Кина починале 20 лица. Експертите кажале дека сѐ уште немаат дефинитивно утврдено како тие луѓе се заразиле со новиот вид птичји грип.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.