| четврток, 6 декември 2018 |

Интензивно се работи на заштитата на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново

Интензивно течат активностите за реализација на конзервацијата на еден од најзначајните споменици на средновековната уметност во Република Македонија, црквата „Св. Ѓорѓи“ во преспанското село Курбиново, проект кој се наоѓа во Програмата на Владата и на Министерството за култура, информираат од Министерството.

430c990a-1b47-4841-8b85-374b669a6cde

– Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола во изминатиот период интензивно работеа на овој комплексен проект чија реализација се одвива во неколку последователни фази. Започнувајќи од 2013 година, беа извршени конзерваторски истражувања со кои беа опсервирани состојбите на архитектурата, сликарството и покривната конструкција на црквата која уште од 1952 е прогласена за споменик на културата. Беше изработена анализа на актуелните аномалии и на статичката стабилност на градбата и почвата под неа, што беше остварено во соработка со Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија. Исто така, поставен е и привремен покрив над објектот за да може непречено да се одвива конзервацијата на архитектурата и на живописот во црквата, кој, според своите стилско ликовни карактеристики, е пример за највисоките дострели во доменот на монументалното сликарство во источнохристијанската уметност. Во рамките на активностите, се појави и потреба од интервентни археолошки истражувања со кои се утврдени длабината и состојбата на темелите од различните страни на црквата – се вели во соопштението од Министерството за култура.

21afdeae-8bd4-41f8-93c6-9d1b76140b99

Оваа година се доработува проектот за конзервација на архитектурата на црквата и нејзино конструктивно зајакнување по што паралелно ќе се работи на конзервацијата на архитектурата и фрескоживописот.

f4005a2d-4de4-4d37-b570-ca57e77d2ee2

– Сите активности за целосна конзервација на внатрешноста и надворешноста на оваа исклучително значајна црква се предвидува да бидат финализирани до крајот на оваа година – велат од Министерството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top