Здравствените прегледи кои им се вршат на работниците треба да бидат со стандарден минимум, задолжителен за сите систематски, претходни, насочени и периодични прегледи. Ова е обврска на секоја овластена здравствената установа согласно Уредбата за видот, начинот, обемот и ценовникот на здравствените прегледи на вработените, изработена согласно измените на Законот за безбедност и здравје при работа.
Според министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски основна причина за законските измени биле теренските информации дека редовни систематски прегледи на работниците не се стандардизирани.
-Факт е дека постојат здравствени установи кои на своја рака ги диктираат цените и наплатувајќи пониски износи од утврдените во ценовникот и создаваат нелојална конкуренција во оваа област, посочи Ристовски.
Тој додаде дека доколку овластените здравствени установи не ги извршат здравствените прегледи согласно Уредбата ќе бидат казнети. Глоба во износ од 5.000 до 8.000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правното лице, а во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност за одговорното лице во правното лице.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


