Деведесет проценти од членките на Македонско-германското стопанско здружение би инвестирале повторно во Македонија, покажува анкетата за бизнис климата во државава.
Според анкетираните во анкетата направена од Здружението и скопската канцеларија на Унијата на германските комори за индустрија и трговија, економската состојба е задоволителна, а Македонија има перспектива како економска дестинација. Од друга страна се упатуваат критики за ефикасноста на јавната администрација, правната сигурност и процесот за членство на државата во ЕУ.
За годинава половина од членките на Македонско-германското стопанско здружение рекле дека планираат зголемување на своите инвестиции, а исто толку очекуваат и зголемување на извозот. Позитивна оценка за сопствената деловна положба изнеле 44 проценти од компаниите, а 50 проценти задоволителна.
– Видливо е преовладување оптимизам во проценката на сопствената деловна состојба, а исто така 60 проценти од анкетираните компании очекуваат подбрување на сопствената деловна состојба во текот на следната година. Само 12 проценти очекуваат влошување, рече Михаил Шмит, директор на Германската стопанска комора во Македонија, на презентацијата на анкетата.
Германската амбасадорка во Македонија Гудрун Штајнакер посочи дека и покрај позитивните резултати во анкетата има локални фактори за бизнис климата на кои треба да се работи.
– Интересен фактор е и тоа што државата е еден од најголемите работодавачи во Македонија, а јавната администрација се зголемува се повеќе, но не станува поефикасна. Во моето искуство од година и половина забележав една дискрепанца помеѓу локалната самоуправа и централната Влада. Сметам дека на локално ниво кај градоначалниците и во самата локална самоуправа постои поголема подготвеност за соработка и поголема ангажираност. Некои од градоначалниците се повторно избрани и се надевам дека со нив ќе оствариме многу и добра соработка, рече Штајнакер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Митровски: Државата овозможува мултимилионски бизнис со канабис, а граѓаните ги гони како криминалци
-
Работното време ѝ поминува на гробишта: Македонка со успешна бизнис-приказна
-
Раст на бројот на работници во индустријата
-
Индустријата тоне, растот на БДП од 3,2% за 2018 година останува пуста желба на Владата


