Веднаш по прес-конференцијата на претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поднесе барање до него за поништување на одлуките за прекин на кривичните постапки. Барањето се однесува на секоја поединечна одлука која беше објавена во Службен весник.
– Одлуката директно задира во реформскиот процес започнат со политичкиот договор од 2 јуни 2015, како и Протоколот од 15 јули 2015 и затоа бараме да ја разгледате и во најкус можен рок да донесете одлука за надминување на новонастаната ситуација, се вели во писмото од ВМРО-ДПМНЕ до претседателот Ѓорге Иванов.
Иванов денеска на прес конференција рече дека цврсто е убеден дека одлуката донесена пред три дена ќе помогне за надминување на политичката криза и намалување на тензиите меѓу политичките противници.
-Внимателно ги проследив и ги анализирав сите реакции по мојата одлука. Сметам дека одлуката го штити исклучиво државниот интерес и ве информирам дека останувам на истата. Уште еднаш повторувам, секој оној кој смета дека сум му одземал право, сторил лоша услуга и својата невиност сака да ја докаже на суд, го повикувам лично во писмена форма да поднесе барање за поништување на одлуката која се однесува на него. Кога ќе ги добијам таквите барања, ќе повикам правни експерти да понудат можно правно решение. И политичките партии можат со свои правни експерти да се вклучат во овој процес, рече Иванов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.