Еден месец по рокот за поднесување на годишните даночни пријави, на 15 март, што следува?
Миноски: Ги споменувате годишните даночни пријави. Претходно имавме определени рокови во кои и правните субјекти и другите вршители на дејност, како што се земјоделците на паушал, имаа определени рокови што треба да ги почитуваат. По завршување на овие активности што се поврзани со прибирање на податоците, следува една активност во УЈП во која податоците во хартиена форма се внесуваат и се пристапува кон утврдување на данокот. Во оваа постапка се утврдува кои од даночните обврзници се во претплата, а кои треба да направат одредена доплата и врз основа на тоа се издаваат решенија. В согласност со законските рокови, целата активност треба да заврши до 15 мај, кога ќе го имаме конечниот статус на даноците што ги должат или кои ги побаруваат даночните обврзници.
Да разговараме за трендовите во УЈП и во даночната политика. Кои се трендовите околу наплатата на даноците?
Миноски: Сега, откако измина првиот квартал од годината, можеме да кажеме дека имаме добра наплата оваа година и покрај низата турбуленции, пред сѐ, во сферата на политиката, кои влијаат и во психологијата на потрошувачите, а потрошувачката е еден од значајните параметри што влијае врз даноците. Податоците се задоволителни, масата даноци што се наплатени за првиот квартал за 2016 година е во согласност со проекциите што ги имавме и е поголема од масата на наплата што ја имавме во споредба со истиот период во 2015 година, што сметаме дека е позитивен тренд.
Ја следиме и анализираме состојбата на дневно ниво, се разбира дека правиме сѐ што е можно во делокругот на активности на УЈП да бидеме ефикасни во наплатата, но економијата не е егзактна наука, таа вклучува и други димензии што влијаат врз нејзиното движење, многубројни други параметри, од кои, во крајна линија, зависи и вкупната маса даноци што ќе бидат наплатени од УЈП.
Пред извесно време, кога говориме за трендовите, испративте информација за електронска достава на акти. Зошто е тоа важно, дали со тоа, едноставно, се заштедуваат време и пари?
Миноски: Владата на РМ организира една активност позната како учиме од деловната заедница, тоа е во надлежност на вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски. Во рамките на таа активност често имаме отворена дискусија со претставниците на коморите и со стопанствениците од кои добиваме многубројни идеи. Една од тие идеи е, секако, да се олесни таа комуникација што ја имаат деловните субјекти со УЈП. Олеснетата комуникација мора да ги земе предвид современите трендови, а тоа е користењето електронски алатки. Тие се тренд не само кај нас, туку во сите современи управи. Од тој аспект, ние како УЈП настојувавме да ги искористиме предностите што ни ги нудат измените на Законот за општа управна постапка и Законот за даночна постапка со кои се овозможува електронска достава на акти. Тоа овозможува многубројни предности не само за УЈП, бидејќи не само што можеме на поедноставен начин да комуницираме со деловните субјекти, туку овозможува и заштеда, бидејќи го избегнуваме делот на печатење решенија. Тие се во голем обем, на годишно ниво имаме од 12 до 13 милиони пратки, што е огромен износ. Благодарение на електронската достава значително ќе се намалат овие трошоци и ќе се поедностави комуникацијата. Но не само од страна на УЈП, предностите на електронската достава се големи и за компаниите бидејќи во реално време имаат пристап до сите акти на УЈП и благодарение на тоа ги намалуваат и трошоците и времето за завршување на обврските кон УЈП.
Ја споменавте електронската комуникација. Пополнувањето на годишната даночна пријава по електронски пат беше едно од прашањата, барем кај помладата популација. Колку е тоа стратегиско прашање во однос на електронска достава на даночната пријава?
Миноски: Во однос на електронската достава на даночната пријава, во рамките на УЈП спроведуваме еден проект со шпанската даночна управа. Во рамките на тој проект, предвидено е воспоставување систем каде што ќе може да се комуницира со користење ПИН. Благодарение на тој ПИН за еднократна примена ќе може да се поднесуваат дел од овие годишни даночни пријави во електронска форма.
Интенцијата е во следниот временски период, благодарение на интероперабилноста на податоците, која е воспоставена, а од неодамна е зголемен и обемот на податоци што ги разменуваме со другите институции, да ја доведеме УЈП во ситуација да може да издава таканаречена претпополнета даночна пријава. Благодарение на таа пријава ние би го намалиле метежот што се создава кога доаѓаат временските периоди кога треба да се доставуваат овие пријави од граѓаните. Од тоа аспект сметаме дека предностите ќе бидат многубројни за даночните обврзници.
Што значи и што ќе содржи таа претпополнета даночна пријава?
Миноски: Претпополнета даночна пријава значи врз основа на параметрите што ги имаме од исплатувачите, на пример, доколку се работи за физичко лице што покрај платата остварува и други приходи, на пример од издавање стан или повремено вршење консултантски услуги, да претпополниме даночна пријава. Доколку лицето се согласува со таа пријава и доколку неговата евиденција се совпаѓа со податоците издадени од УЈП, во тој случај го исплаќа износот што евентуално треба да го доплати. Доколку постои определена неусогласеност, ќе треба да дојде во УЈП за да се направи усогласување на податоците.
Во однос на трендовите УЈП е меѓу тие што ја придвижија економијата, се воведе таа култура на плаќање данок. Мај и јуни се важни месеци за УЈП за воведувањето на една нова методологија, алатка ТАДАТ. Што значи таа?
Миноски: Како УЈП имаме интензивна комуникација со сите соодветни институции што нудат услуги, консултантски услуги или кои нудат услуги во поглед на размена на знаење. Пред неколку години е развиена една алатка од стручњаци што работат во ОЕЦД , во ММФ, која овозможува следење на активностите на даночните управи. Нашата идеја е ние како Република Македонија да бидеме прва даночна управа во Европа што ќе ја примени оваа алатка. Таа ќе овозможи корисни информации или показатели за тоа каде се наоѓаме ние како УЈП во овој момент во споредба со другите даночни управи. Врз основа на тие показатели што ќе ги добиеме планираме до септември да изработиме една стратегија што ќе опфати период од три до пет години за развојот на УЈП, која ќе биде придружена со соодветен акциски план што ќе ги опишува активностите што ние ќе ги преземеме во овој среднорочен период. Стратегијата ќе ги опфати сите сегменти на работењето, од развојот на човечките ресурси, преку промовирањето на концептот управување на даночната усогласеност – интересен од аспект на трендот на сите современи даночни управи на стимулирање на таканаречената доброволна даночна усогласеност, а во рамките на стратегијата значителен дел ќе биде делот на спроведувањето на новите софтвери и нови алатки на УЈП што ќе го олеснат процесот на собирање и на обработување информации, процесот на следење на работењето на Управата и размена на информации со другите државни институции и со другите даночни управи.
Ако се ова трендовите, може ли да се направи една споредба каде е УЈП во однос на европските даночни управи?
Миноски: Во поглед на деловната практика, мислам дека голем дел од процесите што ги имаат современите даночни управи ги имаме и ние, но ТАДАТ ќе ни помогне да видиме каде се наоѓаме ние како Република Македонија, како даночна управа во споредба со другите даночни управи врз основа на меѓународно верификувана методологија. И тоа ќе ни овозможи, врз основа на тие показатели и на тој стратегиски план, на годишно ниво да го следиме прогресот во однос на унапредување на состојбата врз основа на тие показатели.
Во трендовите на УЈП, планирате ли нови услуги кон граѓаните?
Миноски: Една од нашите основни цели на која ќе ставиме посебен фокус во стратегијата е креирањето даночна управа што ќе биде блиска до даночните обврзници, која ќе им помогне и ќе го олесни пристапот до услугите што ги нуди УЈП. Идејата е да развиеме комплетен систем на управување клиенти, таканаречен ЦРМ, со цел за сѐ што е нејасно во врска со работењето на УЈП, или со примената на определена даночна регулатива, да може да се комуницира со УЈП на соодветен начин. Во таа насока, со помош на определени европски фондови, работиме на спроведување на новиот модел на контактниот центар, кој ќе овозможи непосредно, преку телефонски контакт, даночните обврзници да добиваат информации за работењето на УЈП, како и за состојбите поврзани со своите даночни картички, дали должат, дали побаруваат данок или, евентуално, да добијат одговор на други прашања што се поврзани со нашето работење.
На некој начин, целта ни е како управа да бидеме клиентски ориентирани кон даночните обврзници. Бидејќи нашата основна цел, целта на УЈП, на прибирањето на овие средства е, во суштина, финансирање на проектите во сферата на социјалата, здравството, образованието. Парите што ги собира УЈП, во суштина, се користат на алиментирањето на сите функции на државата.
Постоеше практика по прибирањето на даночните пријави да се објавува кои сектори имале најголема заработка, но и за највисоките плати во одредени сегменти, кој платил најголем данок. Ќе има ли таква листа и годинава?
Миноски: Таа практика ќе ја продолжиме, а сакаме да воведеме и новитети, непосредно поврзани со овие ИТ алатки, кои овозможуваат графички прикази што се кориснички ориентирани, кои ќе овозможат подобри анализи и увид во состојбите, на пример во кои сектори се собираат најголем број даноци, каква е структурата на даноците. Редовно изработуваме квартални извештаи, годишни извештаи, и голем дел од нив се достапни, во согласност со правилата за информации од јавен карактер, меѓутоа континуирано работиме и на унапредување и на управувачките информациски системи и на видот на извештаите што ги објавуваме како УЈП.
Разговараше: Наум Стоилковски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Кирил Миноски е објавено во 189. број на неделникот Република, 15.04.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Пензионерите што немаат дополнителни приходи не треба да се регистрираат за е-персонален данок
-
Возило на УЈП превртено стои во река – друго удрено во Битола
-
Важи и за плата и за пензија: Секој што има остварено приход, мора да се регистрира во системот Е-персонален данок
-
УЈП ќе шпионира кој работи за странство