Дел од екипата и раководството на Вардар на денешната ждрепка за полуфиналињата на завршниот турнир во Будимпешта во рамките од Лигата на шампионите не го криеше задоволството што го доби ЧСМ Букурешт за противник.
За тренерот на „вардарки“, Индира Кастратовиќ сосема очекувано мора да постои задоволство по ждрепката, иако потенцира дека мора да се остане максимално претпазлив пред дуелот со Романките.
– Секако дека сме задоволни од добиениот противник во полуфиналето на Ф4. Но, никако не треба сега да летаме во облаци. Мора цврсто да останеме на земја и максимално сериозно да се подготвиме за тоа што не очекува во Будимпешта. Јасно е дека кога некоја екипа стигнала на Ф4 мора да поседува голем квалитет. Многумина ќе речат дека ќе ни биде лесно со Букурешт, но не е така. Мора да бидеме тактички и психички комплетно подготвени, затоа што потоа ќе нема назад. Сите ќе речете со Букурешт е лесно, но со ни една екипа нема да биде лесно. Мора да бидеме максимално спремни. Не сакам да се помисли веднаш дека сме во финале, треба полека чекор по чекор. Затоа ја молам цела јавноста и вас новинарите да не не ставате во финале. Признавам дека сум малку посреќна што не е Будуќност, или пак Ѓер, кој има мала предност како домаќин на турниров – истакна веднаш по ждрепката Кастратовиќ.
Радоста беше очигледна по извршената ждрепка и меѓу ракометарките.
– Малку посреќни сме што ни се падна Букурешт, ја познаваме доволно добро екипата, имаме добар резултат со неа од групанта фаза. Имаме доволно време и се надевам дека ќе се спремиме, ќе направиме добар резултат и ќе се пласираме во финалето – вели Сара Ристовска, на која се надоврзува и Ина Суслина,
– Мала помош е што играме со Букурешт. Ова е најважен натпревар и не смееме да си дозволиме третпат да не играме во финале“ – рече голманката и капитен на „вардарки“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.