Посетата на македонската владина делегација на Бразил е историски момент во развојот и зајакнувањето на политичките, економските, социјалните и културните односи меѓу двете земји, заедничка е оценката на премиерот Никола Груевски и гувернерот на бразилската држава Сао Паоло, Алкмин Фиљо, пренесува МИА. Сао Паоло е економски најмоќната држава во Бразил, а компаниите учествуваат со 40 отсто од Бруто домашниот производ на Бразил. Градот Сао Паоло е финансиски, економски и индустриски центар на Бразил.
– Има многу компании што ги имаат надминато границите на националната економија и дури и границите на континентот Јужна Америка така што тие се повеќе бараат да направат бизнис и вложувања на други континенти, изјави премиерот Груевски.
Целта на посетата на македонската делегација во Бразил, а потоа и во други држави од Јужна и Централна Америка, е да се дадат повеќе информации за Македонија пред бразилските компании за тие кога ќе решат да дојдат во Европа да ја изберат токму за Македонија како локација на нивните капацитети.
Гувернерот Фиљо истакнал дека ќе го искористи авторитетот и позиција да ги охрабри компаниите од Сао Паоло да размислат за можностите за ширење на бизнисите и опциите кои ги нуди Македонија. Нагласи дека како федерална државна власт се расположени за соработка и поддршка на Македонија во повеќе сфери од заемен интерес. Во Сан Паоло беше потпишан и Договор за соработка во областа на ИТ-технологии, а се разгледувале и можностите за соработка во здравството.
– Македонија е многу важна земја во Европа, посебно за нас, во однос на дополнување и унапредување на економските односи, а преку неа и со останатите европски држави. Бразил е ваш пријател и очекуваме да ги надградиме сите наши односи кои ги започнавме овде денеска, изјави по средбата Фиљо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


