| четврток, 6 декември 2018 |

На терористот од Париз една жена му помогна, друга го издаде

Хасне и Абауд по се изгледа имале платонска љубов и се допишувале додека тој бил на боиштето во Сирија, а таа се согласила да го сокрие по париските напади

Абделхамид Абауд

Абделхамид Абауд

По крвавите напади во кои загинаа 130 луѓе, Абделхамид Абауд, терористот кој подоцна загина во стан во Сен Дени, планирал нови смртоносни акции во главниот град на Франција. Во неговите терористички планови учествувале и две жени. Сепак, едната му помогнала, а другата го предаде.

По серијата бомбашки напади Абауд неколку дена се криеше. Помош му пружила негова роднина, проблематичната Хасне Аитболачен, која на крајот и загина со него во станот во Сен Дени кога Абауд активираше бомба. Додека бил во бегство Хасне му обезбедувала храна, облека и сè друго што му било потребно.

Акцијата во Сен Дени

Акцијата во Сен Дени

Хасне отсекогаш била проблематична, па користела и дроги и алкохол уште во тинејџерските денови. Токму затоа, како и поради комплицираната семејна ситуација, Хасне со години живеела во хранителски семејства.

Во 2014 година Хасне сосема се променила. Се променил и нејзиниот поглед на верата и тогаш за првпат почнала да носи никаб. Во тој период почнала да се допишува со некого од Сирија, според зборовите на една нејзина пријателка која дала изјава пред полицијата.

Идентитетот на човекот со кого се допишувала никому не му го открила, но подоцна е откриено дека станува збор за Абауд, нејзин роднина во кого била лудо вљубена и кој во тоа време бил на фронт во Сирија.

Хасне Аитболачен

Хасне Аитболачен

Абауд за првпат во Сирија заминал во 2013 година заедно со шестмина исламисти од Белгија кои се бореле на страната на Ал Каеда. Во март 2014 година на неговиот фејсбук-профил објавил фотографија од фронтот во Сирија со коментар: “Многу ми е мило што сум тука и што можам да гледам како тече крвта на неверниците оти ние пораснавме гледајќи на телевизија како тече муслиманска крв насекаде во светот”.

Неколку недели подоцна, едно видео објавено на Фејсбук привлекло посебно внимание на француската полиција. На видеото се гледа како Абауд вози камион кој влече зад себе осакатени тела.

Хасне со воодушевување ги следела неговите објави од Сирија, па дури и тврдела дека ќе се омажи за него. Во тоа време планирала да замине за Сирија, но сепак не го сторила тоа. Наместо во Сирија заминала во Мароко и таму поминала четири месеци. Во времето кога се вратила во Париз и Абауд бил таму, но според документите на француската полиција тие двајцата во тоа време не биле во контакт.

По нападите, Хасне жртвите ги нарекла неверници, а истата вечер кога терористите го извршија крвавиот пир, еден од џихадистите и се јавил во име на Абауд од Белгија и побарал помош од неа, а таа прифатила. Таа ноќ првпат се сретнала со Абауд и со себе повела уште една жена на околу 40-годишна возраст со муслиманска веросиповед.

Абделхамид Абауд

Абделхамид Абауд

За оваа средба жената посведочила пред полицијата и токму нејзиното сведочење им помогнало на француските власти да ги лоцираат Хасне и Абауд во станот во Сен Дени. Оваа жена не била поврзана со терористите, но многу интересна е нејзината врска со Хасне.

Жената, која плашејќи се за својата безбедност не сакала да го открие идентитетот, за “Вашингтон пост” вели дека Хасне ја познавала со години, а нивните мајки биле сестри.

Кога се сретнала со терористите, жената која ќе стане главен сведок на полицијата не смеела да проговори оти се плашела дека ќе ја убијат, па полицијата ја известила ден подоцна кога успеала да излезе од изнајмениот стан. Нејзината изјава траела цели три часа и притоа ја кажала локацијата на која треба да се преместат Хасне и Абауд и на која обајцата во полициската акција ќе ги загубат животите.

Помладиот брат на Абауд во одмазнички пат кон Европа

Јунес Абауд, помладиот брат на терорстиот Абделхамид Абауд, кој е организатор на нападите од 13 ноември во Париз, е на пат кон Европа „за да го одмазди”. Ваквите сознанија произлегуваат од телефонски разговори кои биле пресретнати од европските полиции.

Браќата Абауд

Браќата Абауд

Првично се тврдеше дека Јунес Абауд бил убиен на почетокот на февруари, но според полициите кои му се на трага, тој е жив, пишува „Пари Мач”, според кој, Интерпол пресретнал телефонски разговор меѓу 15-годишниот џихадист и неговата сестра која живее во Белгија.

Тој наводно бил на пат кон Европа „за да го одмазди својот брат”. Засега европските полиции не му влегле во трагата и не знаат дали тој пристигнал во Европа со лажен идентитет со бранот бегалци.

Јунес Абауд имаше само 13 години, кога и се приклучил на Исламската држава во јануари 2014 година, заедно со неговиот постар брат Абделхамид со кого заминаа во Сирија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top