Засилен ангажман и соработка од Грција за да се избегнат инциденти на граничната линија бара МНР како одговор на грчкиот протест, за, како што наведе Атина, нехуманиот начин на соочување на македонските безбедносни сили со инцидентот кај Идомени.
„Министерството побара засилен ангажман и соработка од страна на полициските и безбедносни власти на Грција, превентивно делување и навремено споделување на релевантни информации и сознанија во правец на обесхрабрување на насилни протести на мигрантите и спречување на нивен нелегален премин од грчка на македонска територија. Воспоставувањето на ред и правен поредок во пограничната зона во и околу мигрантскиот камп во Идомени е од суштинско значење за спречување на идни инциденти“, се наведува во протестна нота од македонското МНР.
Дипломатската нота вчера лично му била врачена на амбасадорот на Грција во земјава, Теохарис Лалакос, како одговор на двата вербални демарши кои Атина ги врачи во неделата во кои таа побара Македонија да биде дорасната на ситуацијата, да покаже соодветна одговорност, воздржување и сeриозност, обвинувајќи ја за нехуман однос кон мигрантите кои се обидоа да извршат упад на македонска територија.
„Македонските безбедносни сили за време на вчерашните насилни инциденти постапија со максимална можна воздржаност, одговорност и професионализам и притоа дејствуваа сразмерно на безбедносниот предизвик од насилните протести и агресивните обиди на поголеми групи на мигранти илегално да ја преминат грчко – македонската граница, вклучително преку пробивање на граничната заштитна ограда“, се вели во нотата на македонското МНР.
Од минстерството уште информираа и дека било побарано од грчката полиција да се вклучи во смирување на ситуацијата кај Идомени бидејќи насилните напади доаѓаат од грчка територија, на што не било одговорено. Од таму велат дека земјава ги користи сите дипломатски механизми за да ги извести сите засегнати страни за новонастантата ситуација и оти земјава ги почитува одлуките на Европскиот совет за мигрантската криза и заедничкиот европски одговор на неа.
Европската комисија вчера побара од Грција мигрантите од Идомени да бидат преместени во прифати центри и властите и невладините организации кои дејствуваат таму точно да ги информираат мигрантите за тоа да не преземаат опасно и нерегуларно продолжување на патот за да се избегнат понатамошни инциденти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.