Со т.н. човек партија СДСМ ја донесе одлуката за бојкот. Една партија воопшто не постои, додека две партии пак не се регистрирани ниту во Централниот регистар на Македонија и никогаш немале отворено своја сметка. На политичката сцена ваквиот формат на партии не би оствариле некаков резултат.
ПАРТИИ КОИ ЈА ПОТПИШАА ПЛАТФОРМАТА НА СДСМ
НСДП (Нова социјал-демократска партија)
Претседател на партијата е Тито Петковски. НСДП во последниот пратенички состав располагаше со 3 пратеници. Горан Мисовски, Љубомир Јосифовски и Соња Мираковска ги претставуваа гласачите на оваа партија во македонскиот законодавен дом. На нивниот веб портал не може да се најде информација за бројноста на членството а секцијата определена за партиска програма стои празна.
НСДП настана по отцепувањето на Тито Петковски од СДСМ во 2005 година. Последен самостоен настап НСДП имаше на изборите во 2006 година. Освои 7 пратенички места и влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ играјќи клучна улога во промената на власта во Македонија. 2006 година беше и врвот за НСДП. Од 2008 партијата на Тито Петковски се врати во таборот на СДСМ. На изборите освои 3 пратенички места. Со СДСМ отидоа и на изборите во 2011 година кога добија 4 мандати. Во 2014 година бројката повторно се врати на 3 мандати.
Партијата има локална структура но нема информации колку тежи на политичката сцена бидејќи повеќе од 8 години нема самостоен настап на изборите. На последниот самостоен настап НСДП освои 56.624 гласови
Либерално демократската партија
Претседател на Либерално демократската партија е Горан Милевски. ЛДП во последниот пратенички состав имаше двајца пратеници. Горан Милевски и Дуфе Куковски. Од коалицијата доби 3 пратенички столчиња но Роза Топузовска Каревска реши да не ги следи партиските директиви и делуваше како независен пратеник. На веб сајтот на партијата нема информации за членството но поставена е предлог партиска програма под наслов „Има Излез“. Во својата политичка историја ЛДП никогаш не забележала посебен успех на парламентарни избори. Со мали исклучоци секогаш била дел од коалицијата на СДСМ. Манасијевски се реши како лидер на ЛДП во 2011 сам да излезе на изборите и доживеа катастрофа. Освои 16.551 глас и не обезбеди ниту еден пратенички мандат.
Обединети за Македонија
Партијата Обединети за Македонија ја формира Љубе Бошкоски во 2009 година кога истрчува на претседателските избори кои ги доби Ѓорѓе Иванов. ОМ никогаш не освоила пратенички мандат. Последен пат самостојно учествувала на парламентарни избори во 2011 година и освоила 17.081 глас без да обезбеди пратенички мандат. По изборите во 2011 година лидерот Љубе Бошковски е уапсен а подоцна и осуден за незаконско финансирање на кампања. Во јули 2012 година партијата објавува згаснување а членството како што тогаш беше истакнато на прес конференција преминува во ВМРО-ДПМНЕ. Дел од приврзаниците до опозицијата остануваат во партијата и ја штитат од згаснување. Во моментов нема информации колкаво членство има оваа партија. Во 2014 ОМ настапи како дел од коалицијата на СДСМ.
(ПДТМ ) Партија за Движење на Турците во Македонија
Формирана во 1992 година, во моментов ПДТМ ја предводи Аднан Ќахил. Во македонскиот законодавен дом има еден пратеник од коалицијата со СДСМ. Партијата ја претставува Енес Ибрахим.Партијата својот врв го доживува кон крајот на деведесеттите кога во владите кои ги предводи СДСМ добива места и во извршната власт.
Нејзиниот веб сајт е само на турски јазик, но нема информации за бројот на членството.Партијата редовно е дел од големите коалиции, па нема информации за нејзината тежина на политичката сцена
(ПЦЕР) Партија за целосна еманципација на ромите
Претседател на ПЦЕР е Самка Ибраимовски кој е и пратеник во Собранието на Македонија. Партијата нема веб сајт и не учествувала самостојно на избори. Долго години е дел од коалицијата на СДСМ. Нема информации дека партијата има партиска структура и локални ограноци.
(ДСВМ) Демократски сојуз на Власите во Македонија
Претседател на партијата е Никола Бабовски. Оваа национална партија долги години е дел од коалицијата на СДСМ но немала пратеник во законодавниот дом. Немаат официјален веб сајт и нема информација за членството ниту пак тежината на политичката сцена. Нема информации ниту за партиска структура и локални ограноци. ДСВМ нема регистрирана сметка во Централниот регистар на РМ со што партијата практично и не постои. Последен пат согласно Законот требало да се пререгистрира во 2015 година. Единствено за неа во Централниот регистар може да се најде информација дека била дел од коалицијата на СДСМ за локалните избори во 2013 бидејќи тогаш отвориле заедничка наменска сметка. Од тогаш, партијата не фигурира како субјект во ЦРМ.
(ССМ) Српска странка во Македонија
ССМ е формирана во 2014 година со отцепување од партијата на Драгиша Милетиќ. Претседател е Мирослав Јовановиќ од Куманово. Никогаш не учествувала во законодавната или извршната власт. Нема веб сајт и нема информации за членството. До сега не учествувала на избори. Нема информации дека има било каква партиска структура и локални организации.
(ДНЕТМ) Движење за национално единство на Турците во Македонија
Претседател на партијата е Ердоган Сарач. Партијата е долги години на македонската политичка сцена но е дел од коалицијата на СДСМ. Сарач беше и пратеник во собранискиот состав од 2011 до 2014 година. Во моментов партија со име „Движење на национално единство на Турците во Македонија“ – не постои во Централниот регистар на РМ. Последен пат името на оваа фирма во оваа институција се појавува во 2013 година за локалните избори.
(НА) Нова алтернатива
Претседател на НА е докторот Ѓорѓи Оровчанец. Тој во два мандати беше пратеник во Собранието на РМ преку оваа партија. Секогаш на изборите на учествувала како дел од коалицијата на СДСМ. Оровчанец беше дел од структурите на ВМРО-ДПМНЕ на крајот од деведесеттите и почетокот на овој век. Во 2001 година бил и министер во Владата на Љубчо Георгиевски. Партијата нема партиска структура ниту локални ограноци. Сама никогаш не излегла на избори
(ПЕП21) Партија за економски промени 21
Партијата е формирана во 2013 година. Претседател е Билјана Јовановска. Во нејзината политичка биографија сите достигнувања и се поврзани со ВМРО-ДПМНЕ каде била член и функционер пред да премине во Обединети за Македонија. Оттаму, Јовановска заминува во 2013 година и ја формира партијата ПЕП 21. Со оваа партија Јовановска излегува на парламентарните избори во 2014 година и освојува 1281 глас или 0,11% од гласовите без да добие пратеничко место. Партијата има свој веб сајт, програма и партиска структура како и локални партиски ограноци. Нејзиното име може да се најде и во Централниот регистар.
(ПОПГМ) Партија на обединети пензионери и граѓани на Македонија
Партијата е формирана на 12 март 2013 година. Претседател на партијата е Илија Николовски. Партијата од своето формирање е дел од коалицијата на СДСМ. Никогаш нема самостоен настап на изборите. Партијата има партиска структура но нема локални ограноци. Нема информации за бројот на членови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.