Едно лице се здоби со тешки телесни повреди во сообраќајна незгода што синоќа во 22 часот и 20 минути се случи на улицата „15 корпус“ во Охрид.
Со скршеници на черепот и по другите делови од телото, како и со крвавење во мозокот, 48-годишниот Љ.К. од селото Лескоец со возило на итна медицинска помош е пренесен на хируршкото одделение при општата болница во Охрид, каде што по укажаната лекарска помош е задржан на натамошно лекување.
Сообраќајната незгода се случила во момент кога врз сега тешко повредениот, кој по улицата управувал велосипед, налетало патничко моторно возило марка „Југо“ со охридски регистарски таблици. Возилото управувано од 18-годишниот М.М. од истото село, кое се движело во правец кон Лескоец, на критичното место со предниот десен дел удрило во задниот дел од велосипедот што се движел во ист правец пред него.
На местото на сообраќајната незгода, извршен е увид во присуство на Јавен обвинител, овластено вешто лице и полициски екипи. Извршено е алкотестирање врз возачот М.М. при што утврдени се 0,70 промили алкохол во крвта. Тој веднаш е исклучен од сообраќај по што констатирано е дека не поседувал возачка дозвола а возилото технички било неисправно. За време на увидот, сообраќајот не беше запрен и се одвиваше со наизменично пропуштање на возилата по една сообраќајна лента.
По наредба на јавен обвинител од двете лица земена е крв и урина за понатамошна анализа, а врз патничкото возило и велосипедот ќе бидат извршени дополнителни вештачења.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.