Женскиот ракометен шампион на Македонија, ЖРК Вардар трета година по ред ќе игра во завршницата на Лигата на шампионки.
Ракометарките на Вардар попладнево загубија на гостувањето кај норвешката екипа Ларвик во реванш-четвртфиналниот натпревар со 28-26, но благодарение на убедливата победа на „црвено-црните“ во првиот меч во Скопје со 14 гола разлика (34-20), обезбедија пласман во полуфиналето на елитното натпреварување.
Радичевиќ беше најефикасна кај нашиот шампион со 7 голови. Пенезиќ и Лазовиќ постигнаа по 5, а Лекиќ и Алтхаус по 3 гола.
Mесто во фајнал-форот обезбедија и екипите на Ѓер и СЦМ Букурешт, додека последниот патник ќе биде познат вечерва по одигрувањето на реванш-дуелот меѓу Будуќност – Баја Маре, во кој актуелните европски шампионки Будуќност влегуваат со пет гола предност од првиот меч во Романија (29-24).
Фајнал-форот е закажан за 7. и 8. мај во Будимпешта, а ждрепката за полуфиналните двојки ќе се одржи следниот петок (15. април).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.