| четврток, 6 декември 2018 |

Во Скопје почнува снимањето сцени од филмот „Реквием за госпоѓа Ј“

Од утре до 11 април во Скопје ќе се снимаат сцени од играниот филм „Реквием за госпоѓа Ј“ на Бојан Вулетиќ, копродукција меѓу Србија, Македонија и Бугарија. Филмот во поголем дел беше снимен во Србија кон крајот на минатата година, а во втората половина на овој месец екипата ќе работи и на локации во Бугарија.

„Реквием за госпоѓа Ј“ обработува актуелна, универзална тема што произлегува од севкупната материјална и емотивна криза што владее во светот, а најмногу во сиромашните земји. Приказната го следи животот на четири жени, кои припаѓаат на различни генерации: мајка, нејзините две ќерки и свекрва. Главниот лик, госпоѓа Ј, откако останува без работа и пензија, бара начин материјално да го обезбеди своето семејство. Постарата ќерка крие дека е трудна, помладата ќерка влегува во бурен пубертет, а свекрвата само молчи и не комуницира со никој. На еден поинаков начин, преку црн хумор, овој филм се обидува да зборува за сериозни теми од животот во транзиција.

Автор на сценариото е Бојан Вулетиќ, сценографијата е на Зорана Петров, костимограф е Лана Павловиќ, кинематографер Јелена Станковиќ, шминка Јасмина Лилиќ и монтажа на Владимир Павловски. Главен продуцент е Ненад Дукиќ, извршен продуцент Мирослав Могоровиќ, продуцент од македонска страна е Томи Салковски и од Бугарија Павлина Желева. Улогите ги толкуваат Мирјана Карановиќ, Даница Неделковиќ, Мира Бањац, Срѓан Тодоровиќ, Јована Гавриловиќ,…

„Реквием за госпоѓа Ј“ е копродукција меѓу ЈИЕ филм про, Скопје филм студио и Геополи филм, кои добија поддшка од Филмскиот центар на Србија, Министерство за култура и информирање на Република Србија, Покраинскиот секретаријат за култура на Војводина, Агенцијата за филм на Република Македонија, Бугарскиот национален филмски центар и од фондот на Советот на Европа за поддршка на европски филмски копродукции ЕУРИМАЖ.

Во Македонија ќе биде реализиран и дел од постпродукциските активности.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top