| четврток, 6 декември 2018 |

Венчавки на клупа и на Милениумскиот крст, омилени за скопјани

вен

Десетици бракови веќе се склучени во Музејот на македонската револуционерна борба, каде што од февруари една од салите е отстапена за оваа свечена намена по барање на граѓаните. Освен во Музејот, бракови се склучуваат и во свечената сала во портата „Македонија“, пишува Дневник.

– Граѓаните постојано се жалеа дека просториите не содејствуваат со намената за која со децении егзистира овој објект. Таму се склучуваа бракови, а просторот не одговараше на свечениот чин – појаснуваат од Управата за водење на матичните книги.

Оттаму додаваат дека салата која им е издадена под наем во Музејот е фиксно место за склучување бракови, какво што беа и бараките во Центар. Но, со оглед дека во одредени термини во Музејот се закажуваат и други настани, за да се излезе во пресрет на барањата на граѓаните, се користи салата во портата „Македонија“ како алтернативно соодветно место за свечениот чин.

Инаку, стариот објект на матичната служба во Центар, според надлежните од Управата за матичните книги, ќе служи за чување на архивираните досиеја и на вториот примерок од Матичната книги на венчаните, која, според Законот за матичната евиденција, мора да се чува на друга локација од првиот примерок кој се води.

Kако што истакна Цена Ангелковска, матичар во оваа служба, цената за склучување на браковите во Музејот на македонската борба и во портата „Македонија“ е иста како и досега.

– Младенците плаќаат само за изводот од матичната книга, односно за венчаницата, 150 денари и немаат дополнителни трошоци за салата – вели Ангелковска.

Ангеловска вели дека, освен во овие простории, младенците најчесто бараат матичарот да дојде во ресторанот каде што е веселбата. Но, има и такви што сакале бракот да го склучат на клупа во Градскиот парк или на Милениумскиот крст на врвот на Водно. Оваа можност на младите што склучуваат бракови им е дадена од март 2011 година.

Според Управата за водење на матичните книги, надоместокот за матичар на терен од понеделник до петок и првата работна сабота изнесува 3.402 денари за оддалеченост до 10 километри од матичното подрачје. Во саботите и неделите, како и за државните празници или другите неработни денови, за истата оддалеченост надоместокот е 6.804 денари.

Во рамките на Управата за водење на матичните книги – Подрачно одделение Скопје има месни канцеларии во: Ѓорче Петров, Сарај, Волково, Буковиќ, Радуша, Рашче, Kондово, Бојане, Бутел, Шуто Оризари, Сандево, Kучевиште, Љубанци, Маџари, Ченто, Арачиново, Илинден, Миладиновци, Kатланово, Средно Kоњаре, Петровец, Драчево, Ракотинци, Зелениково, Цветово, Јаболче и Студеничани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top