Во Македонија има околу 90.000 граѓани со дијабетес, а 40.000 примаат инсулинска терапија. Со ваквите високи бројки, државава има трета по висина преваленција (број на заболени на 100.000 жители) во Европа, рече министерот за здравство Никола Тодоров во обраќањето по повод 7 април – Светскиот ден на здравјето, чијашто главна тема за оваа година е дијабетесот.
– Обезбедена е целосно бесплатна инсулинска терапија. Значително е зголемен бројот на бесплатни ленти за пациентите. Отворени се и нови кабинети за дијабетес, а почнавме и активности за здрава исхрана и за здрав начин на живот – рече Тодоров.
Услугите во здравството во 2015 година се за 9 отсто зголемени во споредба со 2014 година.
– Минатата година, особен акцент ставивме на набавката на нова опрема и да дополнителна едукација на лекарите во странство. Оваа година, бележиме сериозен инвестициски циклус. Во моментот, во тек се инвестиции од над 42 милиона евра. Се набави апарат за компјутерска томографија на Клиниката за неврологија во Здравствениот дом во Скопје. Последните податоци се дека во Скопје, за компјутерска томографија не се чека повеќе од два до три дена. Во тек е набавката на вкупно 11 мамографи. Се изгради комплетно ПЕТ-центарот, инвестиција од околу 16 милиони евра – рече Тодоров.
Во светот, на секоја трета секунда по еден човек се разболува од дијабетес, а на секоја седма секунда по еден умира. Бројот на заболени од оваа болест се зголеми за четири пати од 1980 година до сега, соопшти Светската здравствена организација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.