Салата „Вигмор“ во Лондон е прва концертна сцена за класична музика во светот што има своја цеде-етикета. На носач на звук се претставени настапите на најпознатите светски музички ѕвезди во салата, со распоред од 400 настани годишно, за кои се продаваат 165.000 билети.
На својот најнов компакт диск нашиот виртуоз на пијано пред пошироката јавност ја претставува својата изведба во живо на подиумот во „Вигмор“ од 19 јули 2014 година.
– Прекрасната програма снимена во живо во „Вигмор хол“ ја отвора со меланхоличните Брамсови 3 интермеца (опус 117), „Песни-лулки на моето страдање“ – како што еднаш ги има наречено самиот композитор, шармантна и разновидна селекција што ги покажува чувствителноста и деликатната експресија на Трпчески. Еклектичните „Благородни и сентиментални танци“ на Равел, дисонантен и страстен синџир од распеани танци, се наоѓаат во срцето на овој албум… Изведбата завршува со возбудливата Токата од „Трите парчиња“ на Пуленк, која на брилијантен начин го демонстрира шареноликото и виртуозно свирење на Трпчески – стои во пригодниот текст за новото издание на Трпчески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.