Финансиската полиција по пријава за сомнителни трансакции од сметките на невладината организација МОСТ и други блиски субјекти, побара податоци за исплата на пари на сомнителни сметки на физички лица во Либан, Јордан, Киргистан, Албанија, Тунис и во Окупираната Палестинска Територија.
Но, „Мост“ одбива да достави финансиски документи на увид. Во врска со објавените информации во дел од медиумите дека во тек е истрага за невладината организација „Мост“, со писмено соопштение се огласи и Финансиската полиција.
И покрај максимално коректниот однос од страна на инспекторите од Управата за финансиска полиција и доставената замолница да им бидат обезбедени на увид правните основи за извршените трансфери на поголемите суми на девизи на државјани со сомнително потекло, првиот човек на невладината организација ни одговори дека не е во можност да ги достави на увид овие документи од за нас непознати причини, соопштуваат од финансиската полиција.
Од таму додаваат дека доколку од МОСТ не биде овозможен увидот во книговодството, ќе бидат принудени да применат инструменти предвидени со Законот за кривична постапка.
Оттаму потсетуваат дека Управата за финансиска полиција е надлежна и должна да врши контрола на сите сомнителни трансфери на пари од и кон Република Македонија заради заштита на даночните интереси на државата и заради спречување појава на перење пари.
Од Управата за финансиска полиција велат дека за конкретниот случај се уште не се во можност да прејудицираат дали има или нема незаконито постапување од страна на инволвираните од едноставна причина што, како што велат, невладината одбива секаква соработка со овластените службени лица од Финансиската полиција и оневозможува увид во бараната документација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.