Црвениот картон на Фернандо Торес беше клучен момент на вечерашниот натпревар на „Камп ноу“, откако Барса со предност од фудбалер повеќе во второто полувреме го сврте резултатот во своја полза и славеше над Атлетико Мадрид со 2-1.
Мадридскиот клуб има сериозни поплаки на арбитражата, која всушност претставува само продолжение на традицијата противниците на Барса да бидат исклучувани на натпреварите од Лигата на шампионите. Имено, Торес е 30. фудбалер што добива црвен картон на меч од ЛШ против каталонскиот гигант, а интересно е што на спротивната страна, каталонците само седум пати досега биле исклучени.
Првиот фудбалер што бил исклучен на меч по формирањето на ЛШ против Барселона е Жоао Пинто во полуфиналната пресметка со Барселона во 1994 година, а лани црвен картон заработи и Гаел Клиши, на дуелот со Манчестер сити.
Зад Барселона на оваа ранг-листа се наоѓа Баерн Минхен, чии ривали 20 пати биле исклучени од натпреварувањата, а по баварскиот гигант следат Арсенал со 18, Реал Мадрид и ПСВ Ајндховен со по 16…
Интересен е и податокот дека на 106 натпревари на “Камп ноу’ во ЛШ само еден фудбалер на Барселона заработил црвен картон, Серхи Бархуан на дуелот со Динамо Киев во ноември 1997 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.