| четврток, 6 декември 2018 |

Пет милиони евра преку ИПА за консолидација на земјиштето

земја

За консолидација на земјоделското земјиште, Македонија преку Програмата на ИПА 2015 ­ 2017 година има на располагање пет милиони евра.

Како што рече денеска заменик-министерот за земјоделство, шумарство и за водостопанство Ванчо Костадиновски, консолидацијата значи подобра и поефикасна обработка на земјиштето, поголем принос и поголема конкурентност.

-Ќе се спроведува на доброволна основа, а интересот кај земјоделците е голем. Токму на иницијатива на земјоделците, во село Егри, Битолско, ќе се консолидираат вкупно 360 хектари ­ парцели во сопственост на 214 производители со што ќе се создаде комплетно нов катастарски план, додека во општина Конче се работи на окрупнување на површините со размена на приватни парцели. ­ Ќе се воспостави модел што ќе ги привлече земјоделците да се вклучат во постапката за консолидација иако теренското истражување покажа дека и така интересот е голем. Консолидираните реони планираме финансиски да ги поддржиме од Програмата за рурален развој, а конкретно во Егри треба да се изградат соодветна инфраструктура, пристапни полски патишта до новоформираните парцели и канал за одводнување – спомена Костадиновски.

За ефикасно спроведување на консолидацијата, донесени се и законски измени. ­ Досегашната примена на Законот за консолидација покажа одредени технички проблеми. Целта на измените е нивно надминување и, пред сè, создавање услови за поефикасна и потранспарентна постапка за консолидација, подвлече заменик­министерот. Законот за консолидација беше донесен во 2013 година, а анкетирањето на заинтересираните земјоделци и вградувањето на нивните идеи, потреби и барања се спроведува од лани. Досегашните активности се поддржани со техничка и експертска помош од ФАО.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top