| четврток, 6 декември 2018 |

Иџе по дебито во ЕТЦЦ: Разочаран сум, знам дека можам подобро

idze

Игор Стефановски Иџе дебитираше во ЕТЦЦ шампионатот, па на трката во Франција и покрај бројните проблеми успеа да стигне до првите два бода во новото натпреварување. Иако беше неизвесен неговиот настап на втората трка, Стефановски не само што се појави на патеката, туку и стигна до седмото место. Радува податокот што Македонецот и покрај солидниот резултат не е задоволен од пласманот, па е уверен дека на следните натпреварувања ќе биде уште подобар.

– На првата трка моите шанси за добар пласман завршија веќе во првиот круг. На првата шикана по стартот имавме судар со Хондата на Швајцарецот Крис Рикард по што се оштети “рамото“ од тркалото на моето возило. Во продолжение можев само да вртам кругови надевајќи се дека ќе стигнам до бодови што не се случи. Во паузата помеѓу двете трки следуваше битка со времето за да ги смениме оштетените делови, но за жал тоа беше невозможно да се заврши во лимитот од 10 минути. Бидејќи задоцнивме 3-4 минути немав право да стартувам од мојата позиција туку како последен од боксот со што шансите за добар пласман однапред беа отпишани. Сепак, возев за искуство и привикнување со возилото без да навлегувам во непотребни ризици. За среќа, по стартот брзо ги минав возилата од пониската класа, а напред се случија неколку судари, откажувања и казни, па тоа ми овозможи да завршам на пласман во бодови. Лично, јас сум разочаран од малерозниот викенд, не успеав да покажам се што знам и мислам дека можам да сум далеку подобар од постигнатиот резултат во Франција. Луѓето од тимот се задоволни од постигнатите времиња во текот на целиот викенд со оглед на условите што ги имав и пеховите што ми се случија. Се надевам дека за две недели на следната трка во Словачка ќе имаме повеќе среќа и ќе постигнеме подобар резултат – изјави Стефановски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top