Економско-политичката турнеја на македонската делегација по државите на Јужна и на Централна Америка почна со средби во Бразил. Премиерот Никола Груевски вчера вечер во Бразилија разговараше со потпретседателот Мичел Темер. Двајцата ја истакнале личната посветеност за проширување на соработката во секоја сфера од заеднички интерес, со акцент на економската соработка. За таа цел изразија подготвеност за интензивно охрабрување на компаниите од двете земји да реализираат економски проекти и соработка.
– Ова е прва посета на Бразил од ваков тип од страна на премиер на Република Македонија. Целта е засилување на политичките односи со Бразил, е исклучително значајна држава во светот. Таа е водечка земја во Јужна Америка, меѓутоа е и значајна во светот особено по создавањето на иницијативата БРИК. Тос што е, исто така, важно е засилување на економските релации. Имаме многу ниска размена и на трговија и на бизнис и на инвестиции – изјави премиерот Груевски.
Разговарано е за забрзување на ратификувањето на веќе потпишаниот Договор за укинување на меѓусебните визи за патување, а биле разгледани и иницијативи за договори во економската сфера.
– Инициравме склучување договор за одбегнување на двојното оданочување за да може кога ќе дојдат инвеститориво Македонија да не плаќаат данок и во едната и во другата држава и обратно. Инициравме во иднина, исто така, да се размисли и за договор за слободна трговија, иако тука може да се каже дека Бразил е веќе во длабока фаза на преговори и потпишување договор за слободна трговија со ЕУ, па во една блиска иднина, кога и ние ќе станеме членка на ЕУ, на некој начин ќе влеземе во една таква релација – рече Груевски.
Покрај ова е потпишан Договор за соработка во образованието, а се разговарало и за намерата на Владата да отвори амбасада во Бразил, веројатно од следната година. Потпретседателот Темер возвратил дека веднаш потоа и тие би отвориле дипломатско претставништво во Македонија.
Покрај средбите во политичкиот дел од посетата, во економскиот дел е одржана презентација на можностите за инвестирање во Македонија.
– Во главниот град Бразилија пред одреден број инвеститори, претставници на компании, на бизнисмени ги презентиравме кои се можностите за правење бизнис со Македонија. Покажаа интерес. Ние тука веќе имаме испратено деловен промотор, кој ќе продолжи да работи со нив, кој ќе продолжи да контактира со нив, да им дава дополнителни информации доколку им требаат со цел дел од нив да се привлечат да дојдат во Македонија, да се уверат во условите и да прават бизнис во Македонија, да инвестираат. Така што тоа е главната цел на оваа посета на главниот град на Бразил – рече премиерот Груевски.
Во составот на македонска владина делегација се вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак, директорот на Агенцијата за привлекување странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида и владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Во Бразилија премиерот Груевски се сретна и со бразилскиот министер за надворешни работи Антонио Патриота, со кого била афирмирана волјата и заедничката иницијативност за надградување на правната рамка, која ќе овозможува подинамична соработка меѓу двете земји. Констатирано е дека со потпишување повеќе договори од областа на економијата, финансиите и образованието сериозно ќе се унапреди соработката и на државно ниво и на полето на приватната иницијатива помеѓу компаниите од двете земји, за што се преземаат и конкретни мерки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација
-
Коалицијата „Сите за правично судење“ ја оспорува професионалноста на МВР за обезбедување на Груевски