Република Македонија го очекува денот кога ќе може да ги споделува не само ризиците и одговорностите, туку и привилегиите што ги дава членството во НАТО, истакна претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето на приемот што во негова чест се одржа во Националниот центар за уметности во Отава, Канада.
Пред присутните сенатори, членови на Македонско-канадската група за пријателство во Парламентот на Канада и дипломатски претставници од Отава, претседателот Иванов изрази благодарност за канадската поддршка на аспирациите на Република Македонија за членство во НАТО. Го нагласи очекувањето на македонските граѓани за што поскоро членство на земјата во алијансата.
– Како претседател на Република Македонија, навистина сум горд што македонските мировници остануваат рамо до рамо со Канада во стремежот за поголема безбедност, демократија и човекови права во светот. Инспирирани од овие споделени вредности, остануваме сосредоточени за постигнување на стремежот за Македонија како рамноправна членка на европското и евроатлантското братство на народи. Ѝ благодарам на Канада за поддршката што ја дава за нашето членство во НАТО. Моите сограѓани и јас го очекуваме денот кога заедно ќе можеме да ги споделуваме не само ризиците и одговорностите, туку и привилегиите што ги дава членството во алијансата – рече претседателот Иванов во својот говор на приемот во негова чест.
Македонскиот претседател, како што соопштија денеска од неговиот кабинет, пред присутните посочи и на сличностите што Македонија и Канада ги имаат во однос на почитувањето на толеранцијата, соживотот и почитувањето на различноста.
– Македонија живеела и живее во светот на различноста, почитувајќи го она што ни е оставено во наследство. Животот нè научи на соживот, толеранција и меѓусебно разбирање и помагање. Канада денес е модел на мултикултурно општество кое е пример за многу земји во светот. Во основата на тоа е искуството на нашите мултиетнички, мултијазични и мултирелигиозни општества. Општества кои овозможувале мирна коегзистенција меѓу религиите и културите. Општества во кои луѓето од различни религии и различни култури имаат традиција на соживот и почит – рече претседателот Иванов.
Споделените вредности, истакна тој, се предуслов за градење, развивање и унапредување на билатералните односи меѓу Македонија и Канада.
– Искрено ме радува што Канада има максимално позитивен однос кон македонската заедница, која е најцврстата гаранција за нашите односи. Како претседател на Република Македонија, но, пред сè, како Македонец, горд сум што во Канада се прифаќа македонскиот етнички и културен придонес. Македонските заедници во некои европски земји, за жал, се соочуваат со предизвици кои се незамисливи за канадското општество. Во некои европски земји, кај некои европски политичари постои фрустрираност од концептите на мултикултурализмот и мултиетничноста. Тоа се концепти создадени за луѓе со отворени умови, луѓе кои живеат во отворен економски, културен и интелектуален простор. Тоа се концепти на кои не треба да има алтернативи. Тоа се концепти што нудат напредок. Во вакви услови, сосема е разбирливо што македонската заедница во Канада е толку успешна и општествено ценета и почитувана – рече претседателот Иванов, истакнувајќи ја својата увереност дека Република Македонија и Канада ќе продолжат да ги градат своите односи во духот на пријателството, разбирањето и посветеноста кон вредностите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.