| четврток, 6 декември 2018 |

Чикаго е како знак „Стоп“ за сериите во НБА

Чикаго булс ја спаси честа на гостинските екипи на стартот од плејофот во НБА и е единствената екипа што има победа против домаќините, кои досега направија скор од 9-1. Ноќеска со 90-82 го победија Бруклин и израмнија на 1-1 во нивната серија до 4 победи, за пласман во полуфиналето во источната конференција. Во вториот дуел, Лос Анџелес клиперс поведе со 2-0 против Мемфис, по победата од 93-91.

Булс се вистински уништувачи на победничките низи на противниците сезонава. Најпрво го сопреа импресивниот од на шампионот Мајами хит, кој имаше 27 победи по ред, но падна во Чикаго, а потоа го спречија Њујорк никс да продолжи да победува, во момент кога има 13 едноподруго успешни настапи. Сега, на гостински терен ја прекинаа доминацијата на домашните екипи во доигрувањето и не дозволија историски старт од 10-0.  Одиграа во препознатлив стил против Бруклин со цврста одбрана, а триото Денг-Бузер-Ноа забележаа дабл-дабл ефект. Денг даде 15 поени со 10 скока, Ноа, кој стисна заби и покрај повредата, забележа 11 поени со 10 скока, а Бузер имаше 13 поени со 12 скока. Следниот натпревар се игра во Чикаго.

Во трилер-завршница Клиперс го победи Мемфис , а јунак на вториот успех во серијата е Крис Пол. На само една секунда до крајот, бекот на домаќините постигна победнички кош, за него 24. на натпреварот. Блејк Грифин прокнижи 21 поен и тоа беше тандемот за победа на тимот од Лос Анџелес. Кај гостите, кои лани загубија од истиот противник во плејофот, Мајк Конли даде 28 поени и беше најефикасен на мечот. На 14 секунди до крај Марк Гасол го постигна 17. поен, израмни на 91-91 и кога се очекуваа продолженија, Пол стапи на сцена и го одлучи победникот во регуларниот дел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top