| четврток, 6 декември 2018 |

Демонстрации во Турција против враќањето на мигранти од Грција

turci migranti

Стотици луѓе демонстрираат во крајбрежниот турски град Дикили против договорот меѓу Турција и ЕУ, со кој се предвидува враќање на мигранти во Турција од Грција.

Договорот предвидува оние кои нелегално ќе стасаат до бреговите на Грција, да бидат вратени назад во Турција, освен ако не добијат азил во Грција.  Во замена за тоа, ЕУ и понуди на Турција финансиска помош и политички отстапки, вклучувајќи забрзување на преговорите за членство во ЕУ.

Турција треба да ја добие првата група вратени мигранти во понеделник. Според грчката новинска агенција АНА станува збор за група од 750 мигранти.

Се планира изградба на приемен центар во турскиот град Дикили, што предизвикува незадоволството кај локалното население. Градоначалникот на градот Мустафа Тосун изјави дека граѓаните категорично се против бегалски камп во Дикили.

Демонстрантите изразија загриженост во врска со ефектите кои може да ги има договорот со ЕУ врз економијата, туризмот и безбедноста во нивниот град.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top