| четврток, 6 декември 2018 |

Дарко Јаневски: Башибозук

знм

Само еден ден откако Миленко Неделковски ја најави својата емисија за Kатица Јанева, објавувајќи делумен факсимил од нејзиното уверение за завршен факултет, ЗНМ одржа прес-конференција на која побара Обвинителството кривично да го гони поради ширење омраза кон Борјан Јовановски, Бранко Героски и други личности. Kоинциденција или не? – прашува новинарот Дарко Јаневски во својата колумна насловена „Башибозук“.

Во секој случај, коментира тој, тоа што очигледно малкумина го знаеле е дека во ноември мината година ЗНМ поднело и пријава до Основното јавно обвинителство за кривично гонење на Неделковски.

-Интересно е што истото здружение со години ја убедува македонската јавност дека во Македонија врз новинарите се вршат разни притисоци, вклучувајќи го и нивното затворање за објавен збор, а користејќи го тука случајот со Томислав Kежаровски. Тој, ако се сеќавате, беше гонет затоа што го откри идентитетот на заштитен сведок во случај со нарачано убиство – стои во нтписот на Јаневски.

Тогаш ЗНМ алармира на сите страни, во целата работа се вклучија и странските амбасадори, за на крајот судот да најде некој начин Kежаровски да биде пуштен. ЗНМ беше главниот мотиватор на идејата за навреда и клевета да се тужи во граѓанска, а не во кривична постапка.

-Сега, истото тоа здружение самото се пофали дека за еден новинар поднело барање за кривично гонење, за завчера на прес-конференција да изврши притисок врз Обвинителството за тоа зошто не го процесира случајот, иако оттаму пријавата била отфрлена бидејќи не била пронајдена основа за натамошна постапка. Сето тоа, нормално, проследено со стандардните обвинувања за власта, за режимот, за судската заштита на нејзините наводни поданици итн., што од една политичка организација како ЗНМ е и очекувано – вели тој.

Понатаму додава:

Така ги добивме новинарските борци за слобода кои бараат затвор за друг новинар. Но, кога веќе Аиво Орав може да прашува „што да правиме со емисијата на Миленко“, а во исто време да ни продава европски критериуми, зошто да не може и ова другото.

Истовремено, на интернет се појави и некаква си петиција со која се бара на Оливер Андонов да му се забрани да гостува на некои телевизии, односно се бара тој да не биде повеќе повикуван на учество на тие телевизии. Што е повторно, веројатно, во рамките на борбата за слободата. И, конечно, за се` да биде во ист ден, партијата на Тито Петковски побара на ВМРО-ДПМНЕ да ѝ се забрани да учествува на избори, што исто така може да се смести во овој корпус на борбата за слобода. Сфатена, очигледно на националсоцијалистички начин.

Во меѓувреме, за да не остане заборавено, продолжуваат уцените со објавување приватни снимки. Сега дури се вршело и најава кога што ќе било објавено. Тоа е состојбата во која дојдовме по кризата што ја предизвика Зоран Заев, неговите заштитници и заштитниците на Верушевски од странство, пржинскиот договор и формирањето на социјалдемократското специјално јавно обвинителство. Сето тоа очигледно предизвика распад на системот, од што не може да се амнестира ни ВМРО-ДПМНЕ, како се` уште формално владејачка партија. Ситуацијата безмалку личи на Албанија од втората половина на деведесеттите години кога распадот на тамошниот систем предизвика слободно влегување на населението во магацините со оружје и кога неформално државата престана да постои во одреден временски период.

Во Македонија распадот е поинаков. Не се отворени магацините за оружје, но мафијаштвото, рекетарството, бандитизмот, башибозукот се разлеани по македонските улици. Државата речиси и да не постои. Постојат само банди, некои од нив финансирани и со странски пари, кои тероризираат.

Пред неколку дена во Србија бил уапсен, па пуштен, Бекир Асани, тепачот на Тодор Петров. Не требаше многу за да почне да се шпекулира дека тој тргнал да ја среди работата што ниту Kатица Јанева и нејзиното параобвинителство ниту уставното обвинителство на Марко Зврлевски не ја средија како што тоа му прилега на еден правен систем. Првата затоа што глуми лудило и не сака тоа да го среди, вториот затоа што не ни може кога системот веќе е урнат. Истото се случува паралелно со изјавата од ДУИ за нашиот весник дека ако работите продолжат вака, мислејќи на снимките за функционери на партијата, тие на свој начин ќе го решат проблемот. Што тоа значи не треба многу да се објаснува.

Сето ова води кон заклучокот дека ситуацијата се развива на две нивоа. Едното е дека проникнатите фашизоидни идеи веќе не се кријат. Главниот збор за кој се трошат парите на УСАИД и Сорос во последно време е зборот затвор, па ете дури и за случај како што е тој со Неделковски. Тие фашизоидни идеи сега и јавно се распостелуваат и за нив се создава терен кај населението. Сите тие што стојат зад нив се повикуваат на заштитната функција на чадорот. Втората е отвореното мафијаштво и рекетарство, кое не се повикува на чадорот, туку на сигурноста што му ја дава СЈО на Јанева и на наводната борба за вистината за Македонија на Зоран Заев. Зад што, пак, повторно стои чадорот.

Во меѓувреме добивме и апел од амбасадорот Бејли да се престанело со приватните снимки. Апелот личи на она што своевремено го имаше по тревниците низ Скопје: „Тревата те моли, не гази ме, боли!“ Несериозно. Но, затоа, паралелно стигна сериозната инструкција да се почнело со примена на насоките на Венициската комисија за објавување на снимките. Не знам кој таму седи и дали тие во таа комисија имаат тапија дека не се ретардирани, а ако имаат, дали не им е добиена со врски, но ние можеме само да посоветуваме, гавазите на Бејли да му преведат зошто, на пример, во Германија, специјално формираното тело за таа работа од угледни правници, се откажало од идејата дека поради јавен интерес може да се објавуваат незаконски снимки. Причината е многу едноставна: кој е тој што ќе одредува дека нечиј разговор е јавен интерес, а не приватна работа и кој е тој што ќе слуша, па ќе сече што од снимката е приватно, а што јавно. Истовремено, кога некој ќе слуша што е што, зар не се повредува правото на приватност на тој на кого снимките се однесуваат бидејќи никако не се оправа работата оти тие се добиени без амин од државата, односно без судски налог. Но, тоа е веќе стручен и сложен муабет. И очигледно не е за секого. Но, од друга страна, за секого е констатацијата дека во ова мафијаштво што се случува во Македонија, странските амбасадори имаат голем удел.

Kако да се стави крај на ова? ДУИ го повлече првиот потег за мирен начин на разрешување на кризата. Не би го правеле тоа ако не се сигурни дека не постои и друго сценарио во кое тие не сакаат да влезат. Има уште пет дена до распуштање на Собранието. И потоа уште 60 дена до гласањето. Сликата може уште отсега да се види. Ако башибозуците не можат да го спречат распуштањето на Собранието, тогаш ќе се направи с` што може да има крв по улиците за да се спречи гласањето. Но, секако, треба да се има предвид дека и толеранцијата кон ВМРО-ДПМНЕ е на тенка жица и дека во една таква ситуација, при распуштено Собрание, а спречени избори, народот ќе треба да формира уставотворен дом. А како да се дојде до тоа Собрание во услови на улица, исто така, не треба многу да се објаснува. Бекир Асани во таква ситуација, прво, ќе има премногу работа, а второ, може да се случи неговите методи да ни изгледаат како методи на славејче.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top