| четврток, 6 декември 2018 |

Антиќ и Фенербахче и помогнаа на Црвена Звезда

fenerbahce

Поранешниот македонски репрезентативец и прв кошаркар од нашата држава што настапил во НБА лигата, Перо Антиќ, одигра одличен натпревар за својот тим Фенребахче во рамките од претпоследното коло од Топ-16 фазата во Евролигата.
Иако овој натпревар немаше значење за турскиот гигант кој однапред го осигура првото место на табелата, Антиќ и другарите славеа со 90-86 во турското дерби над Анадолу Ефес и и помогнаа на Црвена Звезда да се пласира во четвртфиналето.

Звезда која е поранешен тим на Антиќ, требаше сама да си го осигура патот до најдобрите осум екипи на стариот континент, но синоќа беше неочекувано високо поразена на домашен терен од Дарушафака и мораше некоја друга екипа да одработи за неа.

Иако конечната разлика е изразена со само четири поени, мора да се истакне дека Фенербахче во речиси целото второ полувреме имаше двоцифрена позитива, а гостите се приближија дури во самата завршница, кога прашањето на победникот веќе беше решено.

Антиќ го заврши натпреварот со 13 поени и три скокови, а најдобри поединци во редовите на Фенербахче беа Датоме со 24 поени и Богдановиќ со 21 поен и 5 асистенции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top