| четврток, 6 декември 2018 |

Преку Ларвик до европскиот трон

Вардар, секако, е во врвот на ракометниот крем бидејќи играме одлично во вториот дел по Светското првенство во декември и слободно можеме да кажеме дека ќе атакуваме на пласманот меѓу четирите најдобри екипи во Европа. Имаме квалитет и можеме да му парираме на Ларвик, вели ракометарката на ЖРК Вардар Андреа Лекиќ

Ракометарката на ЖРК Вардар, српската интернационалка Андреа Лекиќ е моторот на тимот од „Јане Сандански“. Средниот бек веќе трета сезона настапува за македонскиот шампион, кој заедно со неа во изминатите две сезони игра на завршниот турнир од Лигата на шампионите во Будимпешта. Оваа сезона посакува да се стигне до тронот бидејќи верува дека Вардар има квалитет да се искачи на покривот на Европа. За да се оствари тоа, прво ќе мора да се пласира во полуфиналето, а на патот до таму пречка е норвешкиот тим Ларвик.

 

Оваа сезона во Лигата на шампионите, според резултатите што ги остварија екипите во групните фази, се чини дека е најизедначена и со поголем квалитет од минатите. Не може со сигурност да се каже кои екипи ќе излезат како победници од четврт-финалињата и ќе се пласираат на завршниот турнир во Будимпешта.

Лекиќ: Според квалитетот на сите осум екипи што се пласираа во четврт-финалето од Лигата на шампионите слободно може да се каже дека ова е најизедначена сезона во последните неколку години. Квалитетот е поголем, што е добро за женскиот ракомет бидејќи видовме голем број извонредни натпревари на кои победникот не се знаеше до самиот крај. Сите осум екипи влегуваат во четврт-финалето со свои калкулации и желби за пласман на завршниот турнир во Будимпешта.

 

На патот до завршниот турнир во четврт-финалето ЖРК Вардар ќе мора да одигра извонредно тежок четврт-финален двомеч со норвешкиот шампион Ларвик, кој е тим од самиот европски врв.

Лекиќ: Ларвик е екипа што е редовен учесник на завршниот турнир. Пред две сезони игравме во групи и успеавме да победиме и да одиграме нерешено. Минатата сезона тие играа во финалето, а, секако, и оваа година го посакуваат пласманот на завршниот турнир. Според квалитетот што го имаат во составот се еден од главните фаворити и за титулата во Лигата на шампионите оваа сезона. Вардар, секако, е во врвот на ракометниот крем бидејќи играме одлично во вториот дел по Светското првенство во декември и слободно можеме да кажеме дека ќе атакуваме на пласманот меѓу четирите најдобри екипи во Европа. Имаме квалитет и можеме да му парираме на Ларвик. Од сите четврт-финални пресметки, би можело да се каже дека ова е најизедначен дуел.

 

Andrea-Lekic-int186-3

Дали стручниот штаб и ракометарките на тренинзите обрнуваат посебно внимание на нивната игра? Се прави ли некоја посебна стратегија за да се спречи нивниот препознатлив напад?

Лекиќ: Играат стандарден скандинавски ракомет. Многу трчаат и можат во сите 60 минути да одиграат во исто темпо. Противниците ги добиваат со убиствени контри и полуконтри од кои, реално, тешко дека некоја екипа може да се спаси. Нашата цел е да се обидеме да излеземе на крај со нивната игра и да не дозволиме лесни реализации. Освен нивниот начин на игра, во нападот неприкосновена е Нора Мерк, која е вистински мотор на тимот. Сепак, таа и не е единствената што може да ни зададе проблеми. Играат тимски ракомет и секоја ракометарка си ја знае улогата во тимот.Во секој ракометен натпревар се наметнува и некоја друга ракометарка од сенка. Мора да бидеме концентрирани во текот на сите 60 минути на теренот.

 

Забележлива е поинаквата игра на Вардар по доаѓањето на помошник-тренерот Дејвид Дејвис Камара во тимот на местото на Јан Питлик. Би се рекло дека на ракометарките одлично им одговара овој стил на ракомет.

Лекиќ: Според тоа што се гледа на теренот, Вардар целосно го смени пристапот на играта по доаѓањето на Камара во тимот. Многу повеќе се трча во нападот, ракометарките повеќе се движат без топка, се размрдува целата противничка одбрана. Во нашата дефанзива се игра активно на човек, се доби во цврстина. Искрено, мене повеќе ми одговара ваквиот стил на игра бидејќи веќе девет години сум интернационалка и сум имала можност да настапувам во екипи каде што тренерите се од Шпанија или практикуваат ваков ракомет. Станав европски шампион со Ѓер пред три години каде што неприкосновен е Мартин Амброз. Тој знае точно од која ракометарка што може да добие и како да го извлече максимумот. Многу слично е и со Камара. Сега имаме и повеќе ротација во тимот. Многу повеќе ракометарки се вклучени во текот на еден меч, а тоа доведува до свежина кај сите. Се чувствува кај колешките глад за докажување и елан во играта.

 

Andrea-Lekic-int186-2

Ако Вардар успее да ја помине четврт-финалната пречка, може ли симпатизерите да очекуваат и напад на европскиот трон оваа сезона? Колку Вардар е зрела екипа за вакво нешто?

Лекиќ: Ќе се навратам повторно на квалитетот на екипите оваа сезона. Ако до пред некоја година однапред се знаеја според квалитетот кои три-четири екипи можат да се пласираат во финалето на Лигата на шампионите, оваа сезона е крајно изедначена. Прво сите што имаат аспирации за највисок пласман мора да го поминат четврт-финалето. Сите четири дуели се крајно изедначени. Вардар играше во потешка група со Будуќност и со Ѓер и покажа дека може да се носи со актуелниот и со поранешниот европски шампион. Со победата во Скопје против Будуќност видовме дека и тој состав на Црногорките е ранлив. Со Ѓер одигравме два квалитетни меча и покажавме дека можеме, дека имаме квалитет. Во втората група Ларвик загуби два натпревара на домашен терен, и тоа ни влева надеж дека можеме и ние да извојуваме победа во Норвешка. Единствената непоразена екипа во досегашниот дел е Ростов Дон, но, искрено, тие играа и во нешто полесна група. Сепак, направија резултат за почитување и се, секако, едни од конкурентките за шампионската титула. Неблагодарно е да се каже дали Вардар или која било друга екипа има повеќе шанси за освојување на Лигата на шампионите. Мое мислење е дека сите екипи што ќе се пласираат на завршниот турнир имаат еднакви шанси за титулата.

 

И, за крај, од пред некое време ги израдува твоите симпатизери и навивачите на Вардар со тоа што го продолжи договорот со управата на клубот.

Лекиќ: Дојдов во Вардар пред три сезони откако ја освоив европската титула со Ѓер. Почувствував дека ми треба нов предизвик и го препознав проектот што може да ги задоволи моите желби за уште поголемо градење на кариерата. Оваа сезона ми истекуваше договорот, но, искрено, бев смирена и воопшто не размислував за тоа сѐ додека не се случи да седнеме на преговарачка маса. Искрено, јас лично посакував да продолжам да играм за Вардар и во следната година. Клубот ги продолжи договорите со неколку ракометарки, кои се костурот на тимот, и дополнително се засили со нови ракометарки. Целите за следната сезона се исти, атака на европскиот трон. Договорот ми е со важност од една сезона, со можност за продолжување. На заемно задоволство, мое и на управата, успеавме да се договориме и да ги израдуваме симпатизерите. Многу сум им благодарна на навивачите, кои ми ја даваа поддршката и ги истакнуваа желбите за мое останување во клубот. Верувам дека ќе ги израдувам и во иднина со моите настапи и нови победи со Вардар.

 

Разговараше: Бо­јан Мо­ми­ров­ски
Фото: Александар Иванов­ски
(Интервјуто со Андреа Лекиќ е објавено во 186. број на неделникот Република, 25.03.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top